Најкритични точки во Грција на кои крадците масовно оперираат и упаѓаат во автомобили

|

„Внимание, крадци упаѓаат на плажата на Неа Каликратија“, „Во Солун обиени дури три автомобили еден по друг“, „Украдено бело клио пред супермаркет на плажа во Пефкохори“, се само дел од предупредувањата кои зачестија во последните неколку дена во фејсбук групата „Грција инфо“, во која членовите разменуваат искуства за плажите, сместувањето, цените, храната… Крадците не се насочени само кон туристите од регионот, туку кон сите оние кои, изгледа, оставаат ранец, очила или било каков личен предмет во автомобилот, а кои го привлекуваат вниманието на крадецот. Грчките власти апелираат до сите посетители дојдени на одмор да не оставаат ништо во возилата, и да внимаваат при паркирање на одредени места кои се чини дека ги фаворизираат крадците.

Туристите и граѓаните на Грција се целосно свесни за проблемите со кршење на автомобили на паркинзи, кршење стакла и крадење работи, како и за фактот дека овој вид криминал во Грција е зголемен во последните години.

Крадците не се задржуваат долго на лице место, па тешко е да се фатат како крадат. Велат дека ваквите кражби траат од 10 до 15 секунди, а се случуваат во секое време од денот или ноќта.

Најчесто го кршат стаклото од автомобилот со цврст предмет (затоа што не им треба алат за тоа) или ја кршат бравата, грабнуваат што ќе најдат и бегаат. Добро ги знаат локациите на кои туристите најчесто оставаат скапоцености во своите автомобили.

Затоа, не оставајте ништо вредно во автомобилот дури и кога ќе излезете на неколку минути, ниту на прометни улици, ниту на јавни паркинзи кои немаат чувар.
Конкретно, не смеете да оставате пари (дури ни ситни парички), картички, клучеви, куфери и чанти, техника, паричници, очила, парфеми на видно место во автомобилот.
Порталот „грчкаинфо.ком“ ги објави клучните локации на кои, врз основа на досегашните пријави од туристите, крадците се се почести.
Тоа не значи дека ќе ви се случи на истото место, но секако може да биде добар потсетник да бидете внимателни на слични места.

Според досегашните искуства, крадците најчесто „оперираат“ на паркинзите на големите супермаркети и трговски центри како ИКЕА, Лидл, Џамбо, потоа на отворени паркинзи во Солун, кај Белата кула, во околината на плоштадот Аристотелис, на паркингот кај аквапаркот во Солун, како и на паркинзите на некои плажи на Халкидики.
Порталот наведува туристите никако да не одат на шопинг во големите маркети директно од граница и во автомобили со куфери и други работи.

„Крадците многу добро знаат дека туристите најчесто купуваат храна веднаш по пат за да не мора да доаѓаат подоцна и знаат дека се полни со вредни работи. Немојте да го правите тоа, а ако треба, нека остане барем едно лице до автомобилот за да внимава на работите. Минимум 4 автомобили се обиени во последните три дена на необезбедениот паркинг до плажата Сахара во Неа Ираклија и Неа Каликратија. Од едниот автомобил украдени се патики, а од другиот лаптоп и пасош“, наведува порталот.

Без разлика дали крадците ви украле нешто или само го скршиле стаклото или ја скршиле бравата, пожелно е целиот случај да го пријавите во грчката полиција.

Најдобро е да не допирате ништо, туку веднаш да повикате полиција на број 100 или да отидете во најблиската полициска станица.
Известете ја полицијата доколку сте забележале дека нешто е украдено, бидејќи секогаш постои шанса украдените предмети да ви бидат вратени. Ако ви се украдени банкарските картички, јавете се во вашата банка и веднаш откажете ги сите картички за да не останете без пари.