Од 1 јуни се отвораат границите на Македонија, а полицискиот час се укинува, препорачува Комисијата за заразни болести, дознава Фактор.
Состанокот беше утринава, а според нивните сугестии дозволено е кафулињата и угостителските објекти да се отворат во четврток. Нивните препораки секако треба да ги прифати и Владата. За денеска се уште нема закажана владина седница, но не се исклучува да биде одржана.
Моментално полицискиот час е од 19 часот навечер до 05 часот наутро. Извор од Комисијата за Фактор вели дека полицискиот час секако нема ефект затоа што граѓаните не се придружувале. Додава и дека и покрај тоа што границите ќе се отворат Македонија најверојатно нема да е пожелна земја за сите други, ако има многу новозаразени.
Уредби за мерките од третиот сет исто така треба да се донесат неделава, по што и на граѓаните ќе им биде објаснето како да ги користат. Дел од мерките според најавите треба да почнат да се применуваат во јуни и јули.
Според Владата, третиот сет економски мерки е за ревитализација на економијата кои имаат цел да го амортизираат ударот врз економијата.
-Сите мерки се креирани со јасно поставени цели и очекувани ефекти кои треба да ги дадат, како на краток така и на среден рок. При креирањето на мерките владата мислеше на сите – и на невработените, и на вработените со ниски примања, и на социјално ранливите категории, и на младите и на оние кои се најизложени во борбата – здравствените работници, и на приватниот сектор, погодените сектори, и на домашните компании, на македонскиот туристички сектор, на малите компании, на стартапите, на големите компании, на индустријата, на ИТ секторот на земјоделство кое има неискоирстен потенцијал, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска.
Дел од овој столб се и платежните картички и ваучерите за туризам кои треба граѓаните да ги добијат до јули, а да се искористат до крајот на 2020 година. Во третиот пакет се 11 милиони евра за ваучери и пет милиони евра за платежни картички, ваучерите од 100 евра, а картичките 50 евра.
Со мерките за стопанството во програмата на владата има 150 милиони евра, од кои 25 милиони евра за платежната картичка, 60 до 65 милиони евра за поддршка на работодавачите за исплата на плати и дополнителни 50 милиони евра кои ќе се насочат за дизајнирање и креирање на навремени мерки.
Мерките, според Владата, се носат навремено и брзо. Првиот и вториот пакет опфаќаа 200 – 250 милиони евра, а третиот 355 милиони евра за 730.000 корисници.