Најстариот светски нуркач, 96-годишниот Реј Вули го собори сопствениот рекорд, кога се нурна кај остатоците од бродот “Zenobia” во близина на брегот кај Ларнака на Кипар, пренесуваат кипарските медиуми.
Британскиот ветеран од Втората светска војна кој живее на Кипар, нуркал до длабочина од 42,5 метри цели 48 минути, соборувајќи го со тоа сопствениот Гинисов рекорд кој го постави минатиот септември. Вули стана најстариот нуркач на светот откако нуркаше до “Zenobia” до длабочина од 40,6 метри во рок од 44 минута.
Речиси 60-тина нуркачи од целиот свет и меѓународни школи за нуркање учествувале во овој настан. 96-годишниот Реј притоа изјавил дека има цел активно да нурка сѐ додека не наполни 100 години.
Најстариот светски нуркач има обожаватели ширум светот и учествувал во снимање на документарниот филм “Животот започнува во деведесеттите” кој се занимава со неговиот живот и љубовта кон нуркањето.
Филмот е продуциран и снимен на Кипар и добил бројни признанија и награди на меѓународните филмски фестивали.