Најтиражниот шпански спортски весник „Марка“ на врвен начин се осврна на елиминацијата на Италија од страна на Македонија

|

Спортскиот весник „Марка“, на интересен начин се осврна на елиминацијата на Италија од страна на Македонија во баражот за СП со голот на Александар Трајковски во 92 минута од мечот.

„Траг едија на италијански се вика – Трајковски“, пишува „Марка“, а притоа потсетува дека поранешниот фудбалер на Палермо и Мајорка по вторпат влијае на тоа Италија преку баражот да остане без пласман на Мундијал.

Во 2017 година, на гостувањето во Торино на кое Македонија одигра 1:1 со „Азурите“, токму Трајковски го даде израмнувачкиот погодок и ги остави Италијанците без теоретска шанса за освојување на првото место. Поради ова, тие играа бараж со Шведска кој го загубија и за првпат по половина век не играа на едно СП.

Синоќа, Трајковски во Палермо, каде помина четири години од кариерата, даде гол во 92. минута приредувајќи сензација од епски размери, нанесувајќи го најтешкиот удар за актуелниот европски првак кој за првпат во историјата пропушта два Мундијали во низа.