Штипјани кои живеат околу Градскиот пазар мака мачат со дивите продавачи на земјоделски производи.
Наместо на тезгите во градскиот пазар, со комбиња и камиони ги запоседнуваат тротоарните површини и паркинзите.
Граѓаните се жалат дека продавачите на диво влезовите и дворовите околу станбените згради ги користат како тоалети, зад нив оставаат смет и неред, но и прават измами во мерењето.
Штипскиот градоначалник вели дека веќе неколку месеци се на терен да ги решат проблемите, кои ги прават дивите продавачи.
Постојано имаат акции со полицијата, но без пазарните инспектори на терен се немоќни, бидејќи само тие можат да им ја одземат стоката која ја продаваат и да им забрани да продаваат на тротоари и паркинг простор.
Јорданов апелира пазарниот инспекторат да излезе на терен во Штип, со цел да се сузбие оваа сива економија, бидејќи има земјоделци и сточари, кои редовни си плаќаат закуп на тезги на Градскиот пазар, каде што имаат добри услови за продажба на своите производи.
Штипскиот градоначалник вели дека одговорот кој го добил од надлежниот инспекторат во Штип, зошто не постапува на нивните повици е тоа што немале формулари, документи на кои треба да им се напише казна на дивите продавачи на земјоделски производи.
Викторија Димитрова Јованова