Наместо заштита во згрижувачкото семејство, 14–годишното девојче добило терор – што работат социјалните служби?

ИЗВОРТелма
|

За сексуалните предатори и криминални банди да има построги казни, па и доживотен затвор бараат од Првата детска амбасада во светот Меѓаши во Скопје, откако вчера беше обелоденет случај на трговија со дете.

14-годишното девојче од Тетово две години било подведувано на вршење полови дејствија со повеќе лица за одреден паричен надомест, со закани од страна на 51-годишна жена, каде било згрижено заедно со братчето и сестричето, бидејќи доаѓале од дисфункционално семејство.

За овој случај осомничени се 11 лица, од кои 10-мина се приведени.

Првиот човек на Меѓаши, Драги Змијанац вели дека надлежните институции мора да работат на превенција за да се заштитат децата, а не само на санкционирање.

„Иако Македонија има ја потпишано Конвенцијата за најлоши форми на злоупотреба на детскиот труд, за жал можам да констатирам дека не се почитува оваа конвенција и не се спроведува во пракса имено се повеќе децата се жртви на организирани групи каде децата се жртви на трговија. Кога веќе се случува овој грозоморен настан тогаш не ни преостанува ништо освен да ги повикаме судските органи кога веќе досудуваат казни да ги досудуваат највисоки казни затвор, дури се залагаме за доживотна казна затвор, а за педофили кои го повторуваат делото хемиска кастрација и доживотна казна затвор“ – вели Драги Змијанац, претседател на Меѓаши.

Змијанац вели дека стручните служби и во училиштата и во центрите за социјална работа мора да имаат поголем увид во однесувањето на децата, особено во дисфункционалните семејства.

„Стручните служби во училиштата треба да располагаат со знаења и вештини и да се обучени како ги идентификуваат и да детектираат на време несоодветните однесувања на децата за да не се случи да бидат жртви на сексуална злоупотреба, а пак, центрите за социјална работа да имаат увид во какви дисфункционални семејства живеат децата за да не бидат жртви на сексуална злоупотреба и да пријават до стручните служби до полицијата за несоодветно, негрижа и однесување на родителите“ – додава Змијанац.

Од Министерството за труд и социјална политика до овој момент не добивме одговор дали биле следени детето-жртва и нејзините брат и сестра во какви услови и како живеат во згрижувачкото семејство и колку често се прават контроли во згрижувачките семејства воопшто.

Од тетовскиот Центар за социјална работа, пак, не откриваат никакви информации во интерес на заштита на детето.

Данијела Билбилоска