Народниот правобранител Насер Зибери, за Алфа ТВ вели дека граѓаните кои имаат важечка лична карта, не треба да плаќаат за нова само поради новото уставно име, туку тоа треба да се плати од државниот буџет.
„Како обврска што ја наметнува државата, поседувањето на личната карта, а како резултат на одлука на државата, да се променат личните карти, во тој случај логично е, граѓаните да не бидат изложени на трошоци, зошто таа обврска се наметнува не по нивна вина, не поради истек на исправата, туку како резулатат на одлука на владата, на собранието, односно, државата. И од тие причини сметам дека граѓаните треба да бидат поштедени од еден ваков трошок“ – реагира Зибери.
Реакцијата на правобранителот следи откако министерот Спасовски вчера откри дека уште 800.000 граѓани немаат лични документи на кои стои новото име со додавката “Северна”, кои пак важат до февруари идната 24та, која инаку е и изборна година.
Зибери додава дека слична ситуација е и кога општина би променила име на улица, па адресата на личната карта може да е поразлична, но, во тој случај, документот не престанува да важи се дури не му истече пропишаниот рок, за разлика од оваа ситуација. Смета дека не смее да се дојде до момент, граѓаните да го изгубат избирачкото право и да не можат да гласаат на престојните избори.
„Апсолутно сметам дека секој што ќе има лична исправа, значи лична карта или патна исправа, без оглед што нема да биде усогласена со новите измени на уставот, а има рок на важност, треба да го оствари своето право на глас, во спротивно ќе имаме серизони проблеми, може да се доведе во прашање легитимитетот на изборит, а од друга страна секако дека ќе се ускрати едно основно со Устав загарантирано право“ – смета правобранителот.
Тој додава оти ветувањата на Спасовски дека граѓаните нема да бидат казнети не е решение, бидејќи ќе се појават многу други проблеми, да не можеме да завршиме работа во банка, на нотар, суд и сите други јавни институции.
Инаку, на трошок на граѓаните поради додавката „Северна“ не се само личните карти. До февруари 24та ќе треба да се променат и пасоши, возачки и сообраќајни дозволи, како и регистарски таблички на автомобилите, кои според пресметките, севкупно може да чини безмалку 4000 денари.