„Настана паника и се слушаа врисоци“ – Гром удри во авионот кој летал од Дубровник за Загреб

ИЗВОРНов Лист
|

Поради невремето кое вчера го зафати северниот и централниот дел на Хрватска, настанала паника на летот Дубровник-Загреб кога авионот го удрил гром пред слетувањето.

„Токму кога се приближувавме до Загреб и почнавме да слетуваме, гром удри во авионот. Одеднаш се појави сина светлина и имаше многу силен удар, како да сте имале судар“, рекол патник кој бил во тој авион.

Патникот вели дека во тој момент настанала паника и во авионот се слушнале врисоци.

„Кога сфатија што се случи, се смирија останатите. Со помали турбуленции набрзо успеавме да слетаме“, додаде тој.

Портпаролот на Кроација Ерлајнс Давор Јанушиќ официјално потврди дека авионот бил погоден од гром.

„Пред слетувањето, капетанот пријавил дека има удар на гром. Авионот е детално прегледан, но не е констатирана штета, па ќе биде вратен во сообраќај според планираното“, изјави Јанушиќ.

Во однос на безбедноста на патниците, авионот е произведен и конструиран според принципот на „фарадеев кафез“, односно тој е како единствена челична мрежа, што значи дека штити од големи оштетувања при удар на гром бидејќи струјата се пренесува во атмосферата преку статични празнења.