Основното училиште „Александар Македонски“ во Аеродром во соработка со Советот на родители донесе одлука за забрана на употребата на мобилни телефони за време на часовите.
Веднаш по донесената одлука, училиштето набави посебни шкафчиња каде што ќе се оставаат телефоните и учениците ќе бидат повнимателни во следењето на часовите.
„Наставата без мобилни телефони ќе придонесе да се зголеми квалитетот на образовниот процес. Ги поттикнуваме и другите училишта во општината да ја применат оваа практика“, велат од Општината.
За потсетување, започнувајќи од 1ви февруари учениците и наставниците во основните училишта во Ѓорче Петров наставата ја следат без своите мобилни телефони. Пред да почне наставниот час тие ќе треба да ги оставаат своите мобилни телефони во специјално изготвените џебови.
– Џебовите ќе бидат нумерирани со бројки по дневник на учениците. Целта е непречено одвивање на наставниот процес. За наставниците кои нема да ги почитуваат насоките, следува дисциплинска мерка – информираа од општина Ѓорче Петров.
По нивниот пример, во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово исто така наставата се одвива без мобилни телефони.