Сите ученици од 1. до 5. одделение престојуваат во училиште пет часови дневно (исклучок се оние кои поради продолжен престој престојуваат и повеќе часови). Учениците од 6. одделение престојуваат во училиште 6 часови дневно, а задолжителниот престој на наставниците, пак, што реализираат настава од 1. до 6. одделение е 6 часови, без оглед на тоа дали се одделенски или предметни наставници.
Ова е наведено во документот во кои се содржани новите насоки за училиштата кои ги објавија одговорните во Бирото за развој на образованието (БРО), а кои треба да се применуваат од утре, 1 септември. Новините првпат се воведуваат во образовниот систем, согласно новата Концепција за основно образование која беше усвоена пред две години. За неа имаше бурни реакции во јавноста, а откако започна да се применува, беше утврдено дека децата покритички размислуваат, но, и дека недостасува опрема во училиштата.
„Поголемиот дел од времето учениците го поминуваат во редовна настава по задолжителните и изборните предмети (оние од 1. до 5. одделение во просек до 3,5 часови дневно, а оние од 6. одделение, во просек до 4,5 часови дневно). Остатокот од времето е наменет за одмори меѓу часовите), а дел е наменет за активности што се структурирани и организирани од наставниците или од училиштето во вид на одделенски час, дополнителни или додатни активности поврзани со наставата или со
воннаставни активности, какви што се хор, оркестар, спортски клуб, подготовка на театарска претстава, еколошки и хуманитарни акции“, наведено е во документот.
Во однос на тоа како ќе изгледа час по интегриран предмет, во насоките е наведено:
„Содржини од природните науки (биологија, хемија, физика и дел од географија), од историја и другите општествени и хуманистички науки, како и од техничко образование и информатика, се изучуваат како интегрирани во заеднички предмет (природни науки, историја и општество и техничко образование и информатика)“.
Предметните наставници по предметите историја, географија, граѓанско образование, техничко образование и информатика се сметаат за потенцијални наставници за реализација на новите наставни предмети Историја и општество и Техничко образование и информатика во 6. одделение, пишува во насоките за училиштата.
Како ќе се оцени ученикот по интегрираните предмети?
Со оглед на новиот начин на организација и реализација на интегрираните предмети во некој временски период наставниците може да имаат повеќе од 20 наставни часа, а во друг период помалку од 20 наставни часа неделно.
„Сепак, овие наставници во просек на годишно ниво ќе имаат доволен фонд на часови и ќе им се пресметува целосна месечна плата во текот на целата учебна година, без оглед на начинот на организацијата и реализацијата на наставата во одделни периоди во текот на наставната година“, пишува во документот.
Согласно наставната програма по историја и општество за 6. одделение, наставата по овој предмет во учебната 2023/24 година ќе се реализира со 3 часа неделно, односно 108 часа годишно, од кои 62 часа отпаѓаат на модулот историја, 10 часа на модулот граѓанско образование и 36 часа на модулот географија.
„Со оглед на тоа што наставата по предметот историја и општество ја реализираат двајца или тројца наставници, секој наставник изведува посебна оценка за модулот што го реализира. На крајот на учебната година во свидетелството се запишуваат одделни сумативни оценки од историја, географија и граѓанско образование“, пишува во насоките.
Наставникот не мора да предава лекција од учебник
Наставата по сите предмети не се базира на учебник, туку на наставната програма – наставникот на часот не реализира лекција од учебник, туку активности кои водат кон постигнување на стандардите за оценување од наставната програма, пишува во документот.
„Учебниците можат да се користат на часовите само ако содржат вежби или други активности што се предвидени за работа на час, каков што е случајот со учебниците од 1. до 3. одделение. Како замена за учебници може да се користат материјали за учење подготвени од Бирото за развој на образованието. Во услови кога учебниците не се навремено обезбедени (повлечени се од употреба поради неквалитет, постапката за нивно одобрување не е завршена, или нема заинтересирани автори), за да им се олесни учењето на учениците, БРО изработува материјали за учење. За оние предмети за кои не се предвидени учебници, Бирото изготвува прирачници“, наведено е во новините.
Домашни задачи на дигитални платформи
Домашните задачи за учениците од 4. до 6. одделение може да бидат испланирани и зададени на некоја од дигиталните платформи, пишува во насоките. Задачата треба да го стави ученикот во проблемски ситуации кои водат кон продлабочување на учењето (бараат размислување и став поткрепен со докази).
„Тие задачи треба да овозможат интегрирање на знаењата од повеќе предмети и нивна примена во решавањето проблеми од секојдневни ситуации, да се надоврзуваат на интересите на учениците во дадени сфери од секојдневниот живот, да поттикнуваат на читање со разбирање на текстови од книги, новинарски статии, информации од
блогови и проверени сајтови, како и на други материјали од опкружувањето“, пишува во документот.
Сите овие новини се воведени како резултат на новата Концепција за основно образование, која како крупна образовна реформа беше воведена во 2020 година, на иницијатива и во време кога министерка за образование и наука беше Мила Царовска. Минатата година, односно точно една година по примената на Концепцијата, одговорните во Бирото утврдија дека учениците покритички размислуваат од претходно, но дека недостасува опрема во училиштата за да може соодветно да се реализираат активностите превидени со новите наставни програми.
„Во прво и во четврто одделение сѐ уште има недоволно опремени училници со потребната опрема, средства и материјали за соодветна реализација на новите наставни програми, согласно новата Концепција за основно образование. Oд друга страна, задачите кои ги даваат наставниците, најчесто за учениците се предизвик, со што го поттикнуваат критичкото размислување и анализа на дадени ситуации“, утврдија лани советниците од Бирото.