Наташа, Трајче, Сара и Раде од старата „Дајте музика“ дојдоа со своите деца кај новата постава (фото)

|

Наскоро на првиот канал на Македонската телевизија ќе започне емитувањето на новите епизоди на сега култната детска серија „Дајте музика“ која после точно 27 години доби ново продолжение.

Денешните деца ќе можат да го гледаат она што нивните родители го гледале и растеле со едно од најпопуларните и најуспешните детски серијали од деведесеттите години.

Многумина се сеќаваат и со пиетет сè уште зборуваат за случките на Трајче, Сара, Наташа, Раде и Оливер кои освен што важеа за идоли на една генерација, беа главните протагонисти во детско шоу од 1992 година.

Овој своевремено мултимедијален проект, еден од најуспешните програмски остварувања на 90-тите, кај десетици генерации остави трајни сеќавања за едно безгрижно време, кое многумина и денес го идентификуваат со среќни детски денови претворени во дружење на улица, забава, детска игра и квалитетна музика.

Старото маало сега е свртилиште на една нова генерација, старо-ново место за забава, игри, први симпатии, малку разочарување, по некоја играчка-плачка и многу детска среќа!

ФОТО:ИНСТГРАМ/ДАЈТЕМУЗИКА

Детето не исчезнува во никого од нас, па затоа сите се радуваме на ова продолжение, а сега веќе возрасните некогашни мали глумци, Сара, Раде, Наташа, Трајче, дојдоа во старото маало да евоцираат спомени, да се запонаат со своите наследници пред камерите, но и да ги досесат своите дечиња, некои бебенца, други потпораснати.

ФОТО:ИНСТГРАМ/ДАЈТЕМУЗИКА

Овој момент го овековечија со една фотографија на познатите скали, а истата се најде на Инстаграм страницата на серијалот.

Инаку, најголем дел од протагонистите во серијалот се од актерската школа на Весна Петрушевска, која воедно е инструктор по актерска игра во проектот. Серијалот е во режија на Лазар Паковски и Владимир Митревски.

ФОТО:ИНСТГРАМ/ДАЈТЕМУЗИКА

Емисијата повторно ќе изобилува со многу музика, а новите детски хитови ги потпишуваат: Николче Мицески, Никола Перевски-Пере, Роберт Билбилов, Ристо Самарџиев, Игор Џамбазов и други. Во серијалот ќе се појават и познати македонски групи и пејачи како Каролина, Тамара, Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Влатко Лозаноски, Елена Ристеска, Бени Шаќири, Некст Тајм, Слаткаристика, Дарио, Дани, Нокаут и други. Улогата на ‘мајстор’ ќе ја толкува доајенот на македонското актерство, Ѓокица Лукаревски, ‘полицаец’ ќе биде Нино Леви, Игор Џамбазов ќе има епизодна улога, а ќе гостуваат и други млади актери и познати македонски спортисти.