По бурните реакции од јавноста како и од самиот добитник, паричниот ваучер за олимпискиот медалист, Дејан Георгиевски ќе биде корегиран од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Македонскиот таеквондист кој го освои сребрениот медал на Олимпијадата во Токио реагираше преку социјалните мрежи затоа што дури двајца спортисти добија повисок ваучер иако самиот беше избран за спортист на годината, на што доби голема поддршка од останатите.
-Никако не можам да раберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно! Не сакам ни да помислам дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал, уште помалку не сакам да помислам дека во сето ова е вмешана политика или нешто слично, истакна Дејан.
Поради сето тоа, од Агенцијата за Млади и Спорт односно претседалот Наумче Мојсовски за „Сител“ истакна дека веднаш ќе разговара со членовите на одборот и тоа ќе биде поправено.
Првиот човек на АМС Наумче Мојсовски лично смета дека можеби е направена грешка за која ќе бара образложение од комисијата. Во телефонски разговор за Сител Мојсовски рече дека уште во понеделник ќе се сретне со членовите. Вели дека одлуките ги носи владина комисија а Агенцијата само ги распределува средствата. Грешки имало и во минатото и доколку станува збор за такво нешто ќе побара веднаш да се направи корекција вели Мојсовски.
Комисијата одлучила каратистот Емил Павлов кој освои сребрен медал на Светското првенство во Дубаи да добие ваучер од 500 000 денари, втора по висина на ваучер е стреличарката Оливера Бикова со 400 000 денари а олимпиецот Дејан Георгиевски е зад нив со доделен ваучер од 350 000 денари.