НБ: Продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити

|

Трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити продолжи и во март 2022 година и се сведе на ниво од 4,3 отсто, а просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,7 отсто, информира Народната банка (НБ).

– Во март 2022 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 4,3 отсто, што претставува месечно намалување од 0,03 процентни поени (п.п.) и годишно намалување од 0,29 п.п.. Просечната каматна стапка на вкупните депозити оствари месечен и годишен пад од 0,01 п.п. и 0,19 п.п. и изнесува 0,7 отсто. При тоа просечната каматна стапка на новоодобрените кредити се намали на месечна и на годишна основа за 0,19 п.п. и изнесува 3,75 отсто. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,68 отсто и забележа месечен раст од 0,12 п.п., а на годишно ниво е намалена за 0,08 п.п., соопшти НБ

Во март, се додава во соопштението, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 3,43% отсто и е пониска за 0,02 п.п., на месечно ниво.

– Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на кредитите во денари со и без валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п.), додека каматните стапки на кредитите во странска валута се непроменети. Во споредба со март минатата година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор бележи пад од 0,27 п.п., посочуваат од НБ.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, пак, во марто изнесува 3,31 отсто и оствари месечен пад од 0,17 п.п.

– Падот се должи на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,30 п.п.) и каматните стапки на кредитите во денари без и со валутна клаузула (за 0,17 п.п. и 0,09 п.п.). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка се намали за 0,20 п.п., прецизираат од НБ.

Во март, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесува 0,94 отсто и е повисока за 0,04 п.п., во споредба со претходниот месец.

– Месечната промена е резултат на зголемувањето кај сите компоненти: каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,07 п.п.) и каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,06 п.п. и 0,01 п.п.). Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор забележа годишно намалување од 0,21 п.п., велат од НБ.

Нагласуваат дека каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор бележи раст од 0,48 п.п. на месечна основа и изнесува 0,77 отсто.

– Растот произлегува од зголемувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,99 п.п.) и каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула (за 0,34 п.п.). Истовремено, каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула, во март, изнесува 0,23 отсто, за разлика од претходниот месец кога банките и штедилниците не примиле ваков вид депозити. На годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за 0,02 п.п., истакнуваат од НБ.

Во март, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,03 п.п. во однос на февруари и изнесува 5,11 отсто. Според НБ, надолната промена е резултат на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,29 п.п., на годишно ниво.

Од НБ посочуваат дека просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата во март изнесува 4,47 отсто, што претставува месечен пад од 0,07 п.п.

– Анализирано според структурата, падот целосно се објаснува со намалувањето на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,12 п.п.), во услови на остварен раст на каматните стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити без валутна клаузула (за 0,10 п.п. и 0,01 п.п.). Во споредба со март 2021 година, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи пад од 0,14 п.п., прецизираат од НБ.

Според податоците од НБ, во март, годинава каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата е намалена за 0,01 п.п. на месечна основа и изнесува 0,68 отсто.

– Надолната промена се должи на падот кај сите компоненти: каматните стапки на депозитите во денари со валутна клаузула (за 0,03 п.п), како и каматните стапки на депозитите во странска валута и каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула (за 0,01 п.п.). Годишното намалување на оваа каматна стапка изнесува 0,18 п.п, велат од НБ.

Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата, во март, како што посочуваат одНБ, изнесува 0,63 отсто и е намалена за 0,02 п.п. во однос на февруари, што во целост произлегува од намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,03 п.п.), при остварен раст на каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула (за 0,21 п.п.).

– Овој месец не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула, потенцираат д НБ и додаваат дека каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е пониска за 0,14 п.п., на годишна основа.