Јелена Карлеуша е многу популарна во Македонија, но нашите граѓани сè уште не сакаат парите за нејзините настапи да се издвојуваат од заедничката каса, а некои имаат замерки за нејзиниот изглед, односно погрешните вредности кои таа ги промовира.
Имено,пејачката во септември требало да настапи на фестивал во Кавадарци, но тоа нема да се случи бидејќи жителите на тоа место се побуниле. Поради протестите на социјалните мрежи каде можеа да се забележат коментари од типот „не сакаме голотија, кич и музика без традиционални вредности“, градоначалникот Митко Јанчев изјави дека српската музичка ѕвезда нема да гостува на нивниот настан.
„Ние сме транспарентна општина која секогаш го слуша гласот на народот. Овој празник е на граѓаните, тие имаат апсолутно право да кажат кого би сакале да слушнат и видат за време на жетвата. Од реакциите кои следеа, заклучивме дека нема расположение за Карлеуша“, изјави претседателот на општината Митко Јанчев.
Според медиумите, таа за овој настап требало да заработи дури 35.000 евра, што дополнително ги изнервирало граѓаните кои сметаат дека парите може да се потрошат на попаметен начин.