„Не сум херој, Господ ми даде сила“

ИЗВОРСкопје24
|

Хирургот Ридван Бајрами, кој завчера со целиот тим на ГОБ „8 Септември“ посветено работеше да им се помогне на повредените, за Женски магазин вели дека се чуди од каде ја црпел силата.

Во вакви ситуации, треба да бидеш психички јак, да не се предаваш. Јас верувам во Господ, и мислам дека на целиот тим тој ни даде сила брзо да се организираме и да реагираме. Бев дежурен на работа кога се случи несреќата, и за половина час, заедно со тимот, успеавме да организираме 37 пациенти да се сместат на соодветните одделенија во болницата, раскажа доктор Бајрами за Женски магазин. Тој вели дека не бил на работа 27 часа како што првично беше пренесено, туку повеќе од 30 часа.

Тој истакна дека не сака кога во јавноста докторите се прикажуваат како херои.

Ми значи поддршката од целата јавност секако. На Фејсбук, имам преку 1.000 пораки. Им благодарам на сите што ми пишаа, но немам време на сите пораки да одговорам, за жал, додаде докторот со големо срце.

Уште еден херој од ноќта е и Кемал, кој несебично им помагал на роднините насобрани пред болницата 8 Септември и цела вечер сам им делел топол чај и храна.

„Дечки, Кемал СК е нашиот херој од минатата ноќ! Самоиницијативно отиде пред болница и цела ноќ делеше чај и кафе на сите роднини кои беа насобрани пред болницата Ургентен центар 8 Септември во исчекување на вест за своите најмили. Дечково е познат хуманитарец и секогаш излегува прв за сѐ“ -напиша Верче Крстевска на својот фејсбук профил.

Таа вели дека на некои од повредените состојбата е ужасна и нивните најблиски не мрдаат од пред болница. Изгубени и очајни, ноќеска го имале само Кемал се грижел за сите нив.