„Нефа мебел“ досега им должи 45.000 евра на граѓаните кои имале нарачки

ИЗВОРСкопје24
|

Вкупниот износ на неиспорачани нарачки од „Нефа мебел“ во земјава достигна до 45.000 евра. До сега само во Скопје пристигнати се околу 70 претставки од купувачи. Од Пазарната инспекција ги повикуваат сите засегнати граѓани да го пријават својот случај во инспекторатот, дури и ако, според договорот, сè уште не истекол рокот за испорака. На тој начин Пазарна ќе има евиденција на сите оштетени граѓани.

Според директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, износот не е толку голем за компанијата да не може да ги обештети купувачите. Но, доколку не се случи тоа, Пазарна ќе им достави записници на потрошувачите, кои го пријавиле својот случај, што ќе им користи за евентуална судска постапка.

Министерот за економија Бектеши вели дека службите ќе дејствуваат веднаш откако ќе ја комплетираат документацијата. Најавува доекипирање, но и доквалификација на инспекцискиот кадар со цел поголема заштите на потрошувачите.

“Ние имаме одлука за да ги зајакнеме, истовремено и да профилизираме инспектори кои нема да се занимаваат со сите области. Но, ќе имаме инспектори кои ќе бидат насочени во една област и за тоа да бидат експерти и професионализирани. А, истовремено да направиме и кампањи и соодветно да ги информираме сите граѓани со нивните права. Да не го заборавиме случајот со компанијата за мебел. Јас разговарав и со директорот на Пазарниот инспекторат. Веќе се доставени неколку поплаки во Инспекторатот и ние ќе постапиме согласно законите веднаш откако тие ќе бидат обработени”, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Од делегацијата на Европската Унија во земјава порачуваат да се зајакне контролата за заштита на потрошувачи, но и да се зголеми информираноста на граѓаните. Се сомневаат во капацитетот на институциите што треба да ги спроведат реформите за заштита на потрошувачи, особено на инспекциските служби.