Некогаш ја брануваше јавноста со неговите настапи во „Ѕвездите на Гранд“, а денес пишува песни за звучни имиња (ФОТО)

|

Ако се навратиме само неколку години наназад тогаш со сигурност ќе се сетиме на момчето кое што во минатото со месеци ја брануваше овдешната, но и балканската јавност.

Имено, Александар Стевановски со својата појава остана запаметен како еден од најнеобичните натпреварувачи во регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“ од неговото постоење, како по уникатноста, така и по заплетот и случувањето во текот на самите настапи кои што секогаш остануваа забележани од публиката и прераскажувани отпосле.

Сега, по нецели 5 години од тогаш, Александар е личност која што го остави микрофонот и се насочи кон пишување песни за своите колеги овде и во соседството.

Веројатно се сеќавате на песната „За Велигден“ која ја исполнува нашиот Ѓоко Јовиќ, а која стана вирален хит кај нашинците овде и во светот, тука се надоврзува и песната „Решив дома да се вратам“ каде што како главен актер и сценарист се јавува глумецот Владо Дојчиновски… ова се само дел од хитовските рефрени и песни кои што ги напиша токму Александар Стевановски и судејќи по реакциите на публиката, одлично се снаоѓа во тие води.

Освен кај македонските, Александар полека но сигурно станува миленик и кај соседните истакнати музички имиња, а тоа го потврдуваат и многу соработки на музичко поле, од кои моментално се издвојуваат оние со Немања Николиќ и Аднан Незиров.

По сите овие соработки и по менувањето на професијата се наметнува прашањето дали Александар Стевановски всушност намерно предизвика ескалирање на околностите со неговото појавување за да го запаметат, и отпосле да може многу полесно да го пробие патот до успехот кој всушност самиот го трасираше со неговите јавни настапи?!

– Постојано пишувам нови музички дела, инспирација наоѓам секаде и во секој момент, било да се работи за македонска или за песна напишана на српски јазик, постојано сум полн со нови идеи. Тоа го правам всушност целиот мој живот, но сега можеби доаѓа вистинското време да го пласирам во јавноста и да ми стане примарната професија во животот. Во принцип сум човек кој што е кариеристички настроен и сакам да оставам свој печат по кој ќе ме препознаваат, а тоа најдобро го можам преку создавањето песни. Ја имам честа да соработувам со Ѓоко Јовиќ и заедно да создаваме музички дела кои што, благодарение на него, добиваат музика, и тоа заедно да го нудиме онаму каде што сметаме дека може да помине и онаму за каде што е наменето и создадено. Засега можеме да се пофалиме со соработки кои што значат многу, и кои што допрва ќе значат, а во прашање се соработки со наши, но и со изведувачи од Српската естрадна сцена. Нудиме квалитет, а квалитетот секогаш знае да биде забележан и ценет. Благодарен сум му на Бога што ми се отворија тие врати, бидејќи тоа е свет во кој што сакам да живеам. – изјави Александар во една прилика.