Неколку ромски семејства повторно се соочуваат со можноста да живеат под отворено небо

|

Ромските семејства кои пред две години беа дислоцирани од под тврдината Кале и згрижени во привремените живеалишта во прифатниот центар во Визбегово, се соочуваат со можноста да останат на улица откако примиле допис од Министерството за труд и социјална политика (МТСП)да ги напуштат овие живеалишта. Рокот за иселување, пишувало во дописот, бил до утре 31 март, во спротивно ќе биле присилно иселени.

На ова, реагира Хелсиншкиот комитет за човекови права кој како што информира, минатата недела се обратил до МТСП, со барање за изнаоѓање алтернативно решение за овие семејства, но и дека , како што наведуваат „ иако се работи за временски сензитивен проблем, министерството сѐ уште не доставило одговор“.

– Ние не излегуваме од тука. Зошто да нѐ бркаат! Од улица нѐ земале. На улица нашите деца да одат да просат пак, или да крадат“? – изјавила Дудие Асан за медиумите, пренесува Хелсиншки Комитет од каде наведуваат дека овие семејства се обидувале да изградат економска независност но дека тоа ќе можеле да го направат тешко без никаква помош од државата во домувањето.

Тона Карева, правна советничка од Хелсиншкиот комитет посочува дека со нивното иселување, без притоа државата да направи план на кој начин тие понатаму ќе се интегрираат во општеството, овие луѓе ќе завршат буквално на улица, а децата ќе бидат приморани да го напуштат образовниот процес и ќе бидат изложени на постојан ризик како лица бездомници.

Целта на сместувањето на Ромите од Кале во привремените живеалишта во прифатниот центар во Визбегово е да им се помогне во нивно вклучување на пазарот на труд, социјална заштита и здравство, обезбедување на документи за лична идентификација, вклучување на децата во образовниот систем и да се изнајде трајно решение за нивно натамошно домување, со крајна цел нивно извлекување од сиромаштија. Нивното иселување во овој момент без никаков план, наведуваат од Хелсиншки комитет, за помош при домување барем во одреден период по иселувањето од прифатниот центар, експресно ќе ги врати во сиромаштијата во која живееа со години пред да бидат сместени во прифатниот центар. Овие семејства ќе останат на улица со малолетни деца, со сите ризици кои ги носи бездомништвото и сиромаштијата, наведуват од Хелсиншки комитет.