Неколку семејства во Облешево неможат да излезат од своите домови, надојдената вода стигна во дворовите на нивните домови

|

Веќе од синоќа околу десетина семејства во Облешево се заробени во своите домови. Водата веќе им е достигната до дворовите, а според сведоштвото на седумдесетгодишната Марија Атанасова и нејзиниот сопруг, тие неможат да го пречекорат куќниот праг, немаа ниту ни леб, а од водата која надошла веќе поплавена им е и покуќнината.

„Немаме храна, вода за пиење. Се ми е поплавено. Вреќи со ориз, а немам ниту гумени чизми да излезам надвор. Побарав помош од Општината, прво што барам е да ми донесат чизми“, рече Атанасова.

Обилните врнежи од дожд на виделина ги извадија сите недостатоци и неодговорноста на одредени институции. Жителите гневни, прстот го вперуваат во Водостопанство-Брегалница. Тврдат дека причина за поплавите се неисчистените канали.

„Имаме околу десетина куќи кои се во многу лоша состојба. Луѓето не можат да си купат леб, вода“, изјави Тони Максимов, жител на Облешево.

„Секоја година е вака.При секое поголемо надоаѓање на водата ми се поплавува нивата. Ова е срамота, треба да се реши некако да се доправи каналот, но и да се исчисти како што треба“, рече Бранко Ѓоргиев, жител на Облешево.

Надојдените води направија сериозно оштетување на еден од столбовите на мостот кај с. Долни Балван. Мостот попушти, но во текот на денот екипи на Јавното претпријатие Плачковица успеаја да го отстранат заглавеното стебло. Будно се следи состојбата на Брегалница но и на Козјачка река.

„Засега нема опасност од излевање на оваа река. Но доколку се засилат врнежите очекуваме да биде зголемено нејзиното ниво. Ситуацијата ја следиме будно“, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.

Водостојот на Брегалница се стабилизира, засега не постои опасност од излевање во Штип, констатираше штипскиот градоначалник кој уште сношти го свика кризниот штаб на Штип.Екипи будно ги следат критичните точки во градот.

„Има три критични точки. Едната е кај бања Кежовица, а другата е кај бунарите на ЈП Исар. Доколку има потреба ќе бидат поставени и вреќи со песок“, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Состојбата со водостојот на Брегалница во Делчево и Берово е стабилна, засега нема поплавено куќи.