Јавните тоалети се важен сегмент од урбаното живеење. За посетителите на градовите немањето јавен тоалет некогаш побрзо се забележува отколку немањето уредени паркови, клупи или канти за отпадоци.
Скопје е фатено „во тесно“ кога станува збор за јавни тоалети. Немањето јавен тоалет за задоволување на физиолошките потреби на граѓаните е само дел од нивната сложена функција во секојдневното функционирање во урбана средина. На јавните тоалети во урбаните градски средини треба да се гледа и да се размислува и од аспект на личната хигиена на граѓаните, како потреба од миење раце или огледало.
Во Скопје проблемот со јавни тоалети е многу покомплексен и најчесто дебатата „заглавува“ кај непостоењето и лошата хигиена на алтернативните решенија. Никој не зборува за пристап на лицата со посебни потреби, на потребата на трудниците и жените кои инсистираат на поголема хигиена, за на крај да разговараме за едно нормално миење раце на децата додека сте на прошетка во центарот на главниот град. Факт во ова е дека Град Скопје се грижи само за три јавни тоалети.
Град Скопје има само три јавни тоалети
На територијата на главниот град под ингеренција на градските власти се само три јавни тоалети, и тоа два го Градскиот парк и тоалетите под мостотот „Гоце Делчев“. Одржувањето на овие три тоалети го врши Јавното градско претпријатие „Паркови и зеленило“.
Сепак, на прашањата за тоа кога последен пат се реновирани и колку средства градот одвојува за функционирање на јавните тоаелти, од Град Скопје не добивме директен одговор, туку само укажување дека „во согласност со Законот за градот Скопје, со кој се прави разграничување во ингеренциите меѓу градот и општините, во градот јавните тоалети се во ингеренции на општините“, па оттаму за состојбата на јавните тоалети одговори треба да бараме оттаму.
Тоалетите во Градскиот парк и под мостот „Гоце Делчев“ се во функција од април до декември и се врши нивно одржување два пати неделно, како редовна активност, информираат од ЈП „Паркови и зеленило“ Скопје.
– За одржување на наведените јавни тоалети се задолжени три вработени лица, како и екипа од водоинсталатери, која е задолжена за одржување при појава на дефекти, одговараат од ЈП „Паркови и зеленило“, уверувајќи дека за одржување на тоалетите се одвојуваат соодветни парични средства.
Последен пат овие тоалети се реновирани пред пет години, но од ЈП „Паркови и зеленило“ посочуваат дека „секоја година набавуваат казанчиња, чешми и друг потребен потрошен материјал за одржување на санитарните јазли“.
Од Општина Центар немаат точни податоци колку јавни тоалети има на нејзина територија.
– За јавните тоалети, кои најчесто се монтажни и поставени на територијата на општината, се грижат самите инвеститори, односно монтажерите. Од буџетот на Општина Центар се одвојуваат 0 денари за одржување јавни тоалети, информираат од Општина Центар.
Трговски центри, кафулиња, станици… секој се снаоѓа
Жителите, туристите и посетителите на главниот град кога имаат потреба од тоалет тоа најчесто го прават снаоѓајќи се во некој од рестораните и кафулињата, тоалетите во некој од поголемите трговски центри или, пак, доколку се во посета на некоја од јавните институции, како болници, библиотеки или музеи.
Во Скопје, и кога ќе најдете слободен тоалет, проблемите продолжуваат, па се соочувате со проблеми како нефункционалност, лоша хигиена или оштетена санитарија што едноставно ќе ве одврати од намерата и ќе пробате да се „стрпите“ до дома.
– Најчесто не одам во јавни тоалети. Секогаш се обидувам да не ги користам и трпам до дома. Доколку се јави потреба, тогаш одам во некој од трговските центри или кафулиња, вели скопјанката Наташа Р.
Според неа, голем проблем е непостоењето тоалети во јавните здравствени установи. Таму, рече таа, најчесто има строга поделеност на тоалети за вработени и за пациенти. Оние за пациенти најчесто се заклучени, па мора да побарате клуч од некое од одговорните лица.
– Во Скопје за тоалет или треба да се снајдеш во некој од локалите во центарот или, пак, во природа. Доколку сум во ГТЦ, тогаш ги користам тоалетите во подрумот, вели Трпе Ј. од Скопје.
Граѓаните сметаат дека Скопје е голем град и јавни тоалети треба да има на повеќе локации и тие да бидат чисти и редовно да се одржува хигиената во нив, како и да има казни за несовесните корисници. Според нив е поприфатливо да има јавен тоалет што се наплаќа и да биде чист и во исправна состојба, отколку да немате каде да одите кога имате физиолошка потреба.
Проблемот со јавни тоалети е присутен речиси во сите поголеми урбани средини. Постојат различни решенија и пристапи од локалните власти по ова прашање. Едни одвојуваат сериозни средства за поставување и функционирање на јавните тоалети од градските буџети, други веќе поставуваат автоматски јавни тоалети чие користење се наплаќа, додека трети единствено го „уредуваат“ законскиот терен за тоа кој смее да постави и да оперира со јавен тоалет во централното градско подрачје и да наплаќа за услугите.