Нема да ви се верува колку пари заработуваат најдобро платените матични лекари во Македонија

ИЗВОРСкопје24
|

Двајца педијатри и двајца гинеколози од Западна Македонија, се најдобро платените матични лекари. Месечно на контото добиваат по 300 000 денари односно 5 илјади евра капитација од ФЗОМ. Според податоците кои ги објави zdravstvo24.mk, четворицата лекари имаат по 3 до 4 000 пациенти. Гравитираат во општини каде има помал број на матични а голем број на осигуреници.

Ако се направи калкулација со сумата што ја добиваат, со плаќање на трошоците за ординацијата и набавка на неопходните материјали, во џеб им останува најмалку половина од добиената капитација. Односно, чиста добивка од 2,5 илјади евра. Најниската исплатена капитација според податоците од ФЗОМ е 40 000 денари. Но тоа е стимулација од ФЗОМ за нови доктори. Истите ќе ја добиваат додека не соберат доволно пациенти.

Имајќи во предвид дека во Македонија има 1500 матични лекари, просечната капитација што ја исплаќа ФЗОМ е 103.000 денари. Капитацијата по осигуреник е 50 денари и матичните ја добиваат за бројот на пациенти.

Во истражување од 2012/2013 година спроведено од „Health grouper“, над 60% од студентите по медицина сакале да се отселат од Македонија по завршувањето на студиите. 54,5% би сакале да работат во приватно здравство. Здружението на приватни лекари извести пред две години дека стотици лекари годишно ја напуштаат Македонија.

Државата презема мерки за намалување на одливот на мозоци со најновите промени во Законот за здравствена заштита со кои се намалува периодот на одработување по завршување на специјализацијата од 10 на пет години, како и кофинансирање на приватните специјализанти, со што државата ќе им надоместува дел од специјализацијата и тие ќе добиваат месечен надомест за специјализацијата која инаку ја плаќаат самите.

Првиот конкурс за кофинансирање специјализанти веќе резултираше во зајакнување на медицински установи со 90 доктори. Меѓутоа, изгледа дека сè уште сме далеку од идеалните услови за специјализација според младите лекари.

Проблемите на специјализантите се многу побројни

Здружението на лекари специјализанти испрати петиција и повеќекратно го изјавуваше незадоволството од Законот за здравствена заштита. Имено, новите промени во законот не ги решаваат главните проблеми со кои се соочуваат специјализантите, а за кои се зборува со години.

Специјализантите во текот на својата специјализација не добиваат плата, немаат статус на вработени лица, не им тече работен стаж, немаат здравствено и пензиско осигурување, а во многу случаи работат и повеќе часови од предвиденото. Меѓу другото, од идните доктори се бара и задолжителна тримесечна обука во странство, која претставува услов за лиценца за работа како специјалист. Потоа, се предвидува снимање на испитите и колоквиумите, односно хируршките зафати.

Тежок пат до диплома

Додека се стигне до специјализацијата треба да се заврши првиот циклус на студии, кој трае 12 семестри, односно 6 години. Студиската програма вклучува и практична обука за болничко згрижување која се изведува во текот на студирањето преку задолжителна волонтерска работа со полно работно време во здравствена установа во која се врши специјалистичко консултативна здравствена дејност. Оваа практична обука вкупно трае три месеци, од кои првиот дел во траење од 45 дена се спроведува во текот на првите две години, а вториот дел од 45 дена во следните четири години.

Овие два дела од практичната обука се услов за полагање на првиот, односно вториот дел од стручен испит. Предметите од трета година на студиската програма не може да се слушаат ако не се положи првиот дел од стручниот испит. Стручните испити се полагаат пред комисии формирани од Лекарска комора на Македонија и се состојат од писмен, устен и практичен дел.

Во законот се одредува и задолжително слушање и полагање на два предмети на англиски јазик, кои ги одредува високообразовната установа.

По завршувањето на студиската програма со стручните испити и практичните обуки, студентот се стекнува со звање „доктор на медицина“, по што може да ја врши дејноста и стручно да се усовршува како специјализант во одделна област од медицината.

Цената да се стане доктор

Партиципацијата за студирање на државен универзитет чинат 200, односно 400 евра годишно, за државна квота и со кофинансирање соодветно. Стручниот испит кој досега се полагаше на крајот од студиите досега чинеше 26.000 денари, а не е позната цената на полагањето според новите измени во законот. За работа е потребна и лиценца која се издава од Лекарската комора на Македонија.