Учителките, докторките, но и сите жени вработени во администрацијата не смеат да примаат подароци поскапи од 1000 денари за 8-ми Март, стои во Законот за вработените во јавниот сектор, каде е регулирано примањето подароци.
Забраната која се однесува на примање на подароци, воопшто, не само за Меѓународниот ден на жената, е ставено во член 39 од Законот во кој пишува дека една иста личност вработените во јавниот сектор можат да примат подарок од пониска вредност најмногу трипати во годината, а вкупната вредност не смее да биде над 3 000 денари.
Во случај ако децата или нивните родители инсистираат учителката да прими скап подарок, тогаш таа ќе може да го земе, но не смее да го носи дома.
Скапите подароци ќе треба да останат во училиштето, а сите буџетски институции се должни да водат посебна евиденција на сите примени подароци.
Забраната важи и за вработените во здравството, културата, во полицијата, војската, царината, образованието, но и за сите вработени во локалната власт и во јавните претпријатија.
– Вработените во јавниот сектор се обврзани да ги предупредат дарителите дека подароци кои ја надминуваат вредноста, стануваат сопственост на работодавачот. Во случај дарителот да инсистира на примање на подарокот, вработениот е обврзан да го достави до работодавецот – велат од Министерството за информатичко општество и администрација.