Има повеќе од доволна количина на брашно во државата, млиновите имаат задоволителна количина на залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување на брашно, имајќи во предвид дека сите количини на брашно кои и се потребни на државата ги имаме во моментот, изјави министерот за економија Крешник Бектеши по денешната посета на млинот „Кокра е арт“- тетовското село Порој.
– Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина на брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките коишто го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови – рече Бектеши.
Тој рече и дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот,по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.
Министерот исто така кажа дека за применување на одлуките на Владата терен се инспекторите на Државниот пазарен инспекторат.
– Во однос на прекршоците минатата недела ДПИ утврди неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети кои се казнети. Се работи за 7 супермаркети кои согласно прекршоците се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките – рече Бектеши.
„Кокра е арт“ е компанија кој извезува брашно. Компанијата во октомври го доби и тендерот за набавка на меркантилна пченица на Агенцијата за стокови резерви. Според договорот набавени се 10.000 тони пченица по цена од 16.600 денари тон или вкупно за тоа се потрошени 166.000.000 денари (близу 2,7 милиони евра) без ДДВ.