Нема спас од мечките во Маврово-Ростуше, локалното население бара прогласување на кризна состојба

|

Влегуваат во дворови и штали, ги напаѓаат пчелните семејства во потрага по храна. Мечките полека но сигурно ги окупираат мавровските села, а жителите бараат спас преку институциите.

Мештаните се жалаат дека во некои куќи ги кршеле вратите во обид да влезат внатре. Таков е случајот со оваа баба од Жировница која живее сама.

Оваа година мечките имаат помалку храна во природата од минатото, затоа и се симнуваат во селата за да најдат храна. Најголема штета им прават на пчеларите и сточарите.

Месните заедници сега бараат воведување кризна состојба за институциите да добијат механизми за да се справат со дивите животни.

– Тоа е една нова ситуација за нас. Досега како ЦУК сме немале вакво барање. Од тие причини свикав состанок на групата за процена која е составена од 9 члена, директорите на разузнавачко-безбедносната заедница, кризниот менаџмент и заштита и спасување. На таа седница внимателно ќе ја разгледаме состојбата и ќе процениме дали се исполнети законските услови за прогласување на кризна состојба којашто ќе овозможи одредени механизми, вели првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Иако станува збор за Национален парк, а мечката е заштитено животно во Македонија, Ангелов не ја исклучува можноста и за отстрел.

– Отстрелувањето на мечките е најнеблагодарната и најнеблогородната работа кон којашто ние не се стремиме. Но, животот и здравјето на граѓаните за нас се секогаш на прво место, вели Ангелов.

Недостатокот на храна во природата се поврзува со климатските промени. Во Националниот парк Маврово, според проценките, има околу 160 мечки.

Еден од предлозите е дел од нив да бидат успиени и потоа да се бидат преместени на други места ширум државата.

Пред еден месец во Жировница беа застрелани мечка и нејзините две мечиња.