Непозната жена им ги платила сметките на купувачите – луѓето занемеле кога дознале која е таа

|

На 27-ми ноември, ден пред американскиот Ден на благодарноста, една русокоса жена влегла во Волмарт во Палм Спрингс.

Таа дошла до касата, се претставила како Цици и изјавила дека само што освоила лотарија, а потоа започнала да ги плаќа сметките на луѓето за намирниците кои тие ги купиле, пренесува “CBS News”. 

Никому не му било јасно што се случува и од каде дошла оваа жена, а уште повеќе останале збунети кога една девојка ѝ пришла на жената и ја замолила да се фотографираат заедно.

Во тој момент било откриено дека непознатата жена е всушност пејачката Сиа, најпозната по хитот “Chandelier”. Причината зошто никој не ја препознал веднаш лежи во нејзината љубов кон предимензионираните перики кои на црвениот тепих прекриваат добар дел од нејзиното лице, а поради кои дури ни најголемите фанови не можат на прв поглед да ја препознаат 43-годишната музичарка.

https://www.instagram.com/p/B5fk_R-l2pN/?utm_source=ig_embed

“Мило нѝ е што го направи тоа – не за да ја препознаеме туку дека навистина е добра личност”, коментирале луѓето од продавницата.

Сиа во октомври ја шокираше јавноста кога откри дека пати од ретка невролошка болест – Ехлерс-Данлос синдром. Станува збор за наследна болест на колагенот која ја карактеризира претерана подвижност на зглобовите, претерана еластичност на кожата и кревкост на сите ткива.

“Само сакав да им порачам на сите кои патат од физичка или емотивна болка дека ги сакам. Продолжете да се борите, животот е тежок. Болката ќе ве деморализира, но не сте сами”, напишала Сиа.

Таа во 2016 година, во емисијата “Carpool Karaoke” на Џејмс Корден открила дека одлучила да го крие своето лице бидејќи често музиката е засенета од изгледот на изведувачот, што таа сакала да го избегне. Одлуката да се крие од јавноста ја донела во 2014 година кога стана планетарно позната.

Освен песните кои сама ги отпеала, Сиа е авторка и на бројни хитови на Бијонсе, Кајли Миног и Ријана. Нејзината соработка со Фло Рида на песната “Wild Ones” беше на 5-тото место на листата “Billboard Top 100” и стана 10-та најпродавана песна за 2012 година во светот.