Доколку беше жив, нашата најголема музичка легенда Тоше Проески денеска, 25 јануари ќе наполнеше 38 години. Иако поминаа 11 години откако не за жал не напушти неговите најблиски како и неговите фанови ширум Балканот не забораваат да го одбележат овој значаен ден.
Со почит и свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење и со повеќе манифестации Крушево денеска, ќе го одбележи 38-от роденден, а во одбележувањето како и секоја година се вклучени и Меѓународната фондација „Тодор Проески“, музејот Спомен-куќа на Гумење. Како што информираат од Музејот, фановите на Тоше од Словенија, Бугарија и Србија се пристигнати во Крушево да му оддадат почит на Тоше, да потсетат на него, пеејќи ги неговите песни.
Организираното одбележување започна од 11.30 часот кога приврзаниците на Тоше, фановите, претставниците на инситуциите го посетија неговото вечно почивалиште на Гумење, а напладне, во спомен-куќата на Тоше, почнуваат манифестациите.
Иако не е со нив да прослави, неговото семејство како и секоја година, направи роденденска торта, со голема зелена детелина со четири листа, што симболизира среќа, поим кој секогаш ќе се врзува со нашата легенда. Недостасуваат свеќичките, кои за жал нема кој да ги дувне, но овој ден како и самиот Тоше засекогаш ќе остане нивна и наша заедничка најголема среќа.
Учениците од крушевското училиште „Наум Наумоски – Борче“, пак, ќе читаат извадоци од песните на Тоше, ракотворци од Битола ќе изработуваат дела од срма и монистра, тематски поврзани ликот и делото на Тоше Проески, а ќе настапат и поединци, и тоа Сотираки Чакалар, Марија Котеска и Елена Ристеска.
Исто така, од 9 до 16 часот в петок, во Спомен-куќата, по 15-ти пат ќе се одржува традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше, бидејќи и самиот тој беше голем и горд крводарител
Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење содржи над 350 експонати поврзани со Тоше, а од 2011 година, кога е отворена, ја посетиле преку 650.000 гости од кои 30 отсто од странство.
Автор: Н.Ј.