Не мина една недела, а Скопје повторно е најзагаден град во Светот. Утринава во нашиот главен град беа измерени рекордни ПМ10 честички.
Загадување над нормалното е забележано и во другите делови од земјата.
Синоќа најзагадено беше во Скопје, поточно во Ѓорче Петров каде беа измерени пет пати повеќе ПМ10 честички од дозволеното.
Скопје утрово повторно се најде на врвот на листата на најзагадени градови во светот.
Скопје според светското рангирање утрово се најде на врвот од листата со 266 ПМ 10 честички на метар кубен, а веднаш зад нас е Пакистан и Индија, додека сме во друштво и на Кина, Бангладеш, Казакстан, Косово и Непал.
Во саботата пред Собранието на Република Македонија во 13 часот се одржа мирен протест во организација на група граѓани кои, како што велат, се загрижени за состојбата на воздухот и на тој начин сакаат да го искажат својот револт. Од собранието тие потоа се упатија и кон Владата.
Од организацијата апелираа до власта и до опозицијата да не го злоупотребат протест за свои цели.
Според нив, проблемот со загадувањето одамна требало да биде решен. Властите, институциите и сите надлежни досега, како што рекоа, се обидуваат да дознаат кои и се главните причинители, а веќе требаше да биде решена состојбата.
Меѓу барањата на граѓаните беа свикување итна владина седница, вклучување експерти и граѓански сектор во контролите кон големите загадувачи.