Нов скандал открија ревизорите: Се губи крв од крводарителски акции поради лоши ќеси и поминат рок

ИЗВОРСкопје24
|

Институтот за трансфузиона медицина нема правилен систем за документирање и контрола на приемот обработката и издавањето на крвта која е собрана преку крводарителски акции, констатирал Државниот завод за ревизија.

Во извештајот за оваа јавна здравствена установа ревизорите утврдиле скандалозни сознанија за начинот на кој се чува даруваната крв. Поради тоа, стои во извештајот, се елиминира значително количество на крв и крвни деривати, пренесува Фактор.

Според изештајот објавен деновиве, на крајот на 2017 година, по основ на крводарителски акции за собирање крв на соодветната позиција во финансискиот извештај на Институтот е искажано салдо од 13,4 милиони денари. Сепак од страна на службите на Институтот не биле доставувани соодветни приемници и испратници при приемот и издавањето на крвта како и во фазата на производството на крвните деривати. Ревизорите велат дека има отсуство на контрола.

Во извештајот стои дека на увид на ревизорите им била дадена анализа на дарувана, произведена, елиминирана и издадаена крв и крвни деривати во рамки на секој регионален центар на ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина.

„Согласно на оваа анализа на подрачјето на еден регионален центар утврдено е дека е извршена елмининација на значително количество на крв и крвни деривати во процент кој достигнува и до 263 проценти во однос на вкупно произведените крвни компоненти. Согласно доставените објаснувања се работи за елиминација извршена поради оштетувања на ќесите како и поради изминат рок на траење иако од истата анализа е видливо дека во рамките на останатите регионални центри овие проценти се значително пониски“, стои во извештајот.

Ревизорите тврдат дека ова предизвикува значителна финансиска штета во работењето на ЈЗУ ИТМ во услови на високо ниво на неплатени обврски кон добавувачи.