Нов Управен одбор за конечно деблокирање на работата на Институтот на сметководители

Нов Управен одбор за Институтот на сметководители да почне да работи во интерес на фелата

ИЗВОРСкопје24
|

На претстојното Собрание на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) предвидено да се одржи на 31 мај годинава, се очекува да се изгласа отпочнување постапка за избор на нов Управен одбор (УО), бидејќи постојниот УО е отповикан и разрешен од останатите органи на ИСОС, во постапка согласно Законот за вршење на сметководствени работи.

Целта е да се започне постапка за формирање нов УО што ќе значи процес кон деблокирање на работата на ИСОС во кој членуваат сите регистрирани сметководители и овластени сметководители во земјава (повеќе од 9.000 лица), а кој веќе неколку години е заглавен во административна процедура. Блокадата е поради неиздаденото позитивно мислење за разрешување на УО кој е отповикан од страна на останатите органи на ИСОС, од страна на надлежната институција Министерство за финансии, во процедура согласно Законот за вршење на сметководствени работи.

Целта на работењето на ИСОС е да ја подигне сметководствената професија на едно повисоко ниво, со регулирани и утврдени правила на работење и давање сметководствени услуги. Општо прифатено мислење и став кај сметководителите членови на ИСОС е дека во моментот ИСОС нема легитимни органи на управување, поточно Управен одбор и претседател. Нефункционирањето на ИСОС, во изминатите две години, поради недавање позитивно мислење од Министерството за финансии, е на штета на сметководителите бидејќи на тој начин се девалвира и дискредитира нивната работа и се уназадува професијата.

Изгубениот кредибилитет и доверба во работата на ИСОС ги чинеше сметководителите блокада на процесите за членство во меѓународните тела и асоцијации како Меѓународната федерација на сметководители – ИФАК и Европската Федерација на Сметководителите, како и зголемување на сивата економија во дејноста.

ИСОС треба да биде непрофитна организација која се грижи и ги застапува интересите на сметководителите и овластените сметководители а не приватно трговско друштво. ИСОС треба да се занимава со издавање и одземање уверенија за сметководители и овластени сметководители, да ги подобри условите за вршење на оваа дејност кај нас, да работи на преводи и ажурирање на меѓународните стандарди за финансиско известување, да организира меѓународни средби од кои бенефит ќе имаат сите членови и да се грижи за застапување на интересите на сите сметководители и овластени сметководители кај нас.

Подобрување на квалитетот при вршењето на сметководствените работи со цел регулирање на професијата и заштита не само на компаниите кои се занимаваат со оваа дејност, туку на сите останати компании корисници на услугите е од голема важност и е поврзано со деблокирање на работата на ИСОС.

Неопходно е обезбедување на соодветен квалитет при изготвувањето на финансиските извештаи и правилна примена на прописите од областа на фискалната политика на државата. Познато ни е на сите од каква важност се сметководствените извештаи и тоа како за корисниците на нашите услуги така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Освен за финансиското известување, иако надвор од формалните законски решенија, сметководителите и овластените сметководители во пракса се главни спроведувачи на сите државни даночни политики и решенија. Државната каса се полни главно на товар на работата на професионалците од оваа професија, така што е дотолку понеразбирлив досегашниот молк на министерството за финансии во врска со постапката за разрешување на управниот одбор кој е отповикан од страна на останатите органи на ИСОС. Воспоставување на ред во дејноста и обезбедувањето на услови за развој на професијата е пред се во државен интерес.

Станува збор за склоп и успешно функционирање на сите чинители во насока на подигнување на стандардите за работа, како и расчистување со нелојалната конкуренција која го спушти нивото на дадените услуги во рамки сметководствената фела. Поради оваа значајна улога на сметководителот во економијата и како професионалци кои се стремат кон исти цели, потребен ни е Институтот на сметководители и овластени сметководители, кој ќе ги обедини сите сметководители кон една цел подигнување на квалитетот на работа согласно дефинирани правила и јасно поставени стратешки цели.

Подобри условите за претставниците на сметководствената професија и непречена работа на Институтот, ќе овозможи развој и интерес за сметководствената професија која се повеќе е дискредитирана и во значителна мера е загубен интересот за оваа значајна дејност кај младите економисти.

Изјава на Благоја Грозданов, член на НО:

Сметководствената професија воопшто не е нова, но е озаконета пред релативно кусо време па во временската дистанца од носењето на ЗВСР до денес за жал сеуште прележува „детски болести“. Во минатиот период ИСОС, чија примарна цел треба да е издигнување и развој на професијата и заштита на интересите на сметководителите, се соочи со низа опструкции во своето работење.

Професијата е во заложништво на управувачки структури кои беа отповикани од страна на органите на ИСОС уште пред речиси 2 години, откако беа препознаени низа нерегуларности и слабости во нивното работење. За жал, постапката за конечно отстранување на овие структури е блокирана во МФ. Сега сме сведоци на една апсурдна ситуација во која токму структурите кои уште пред 2 години беа отповикани и разрешени сеуште ја остваруваат ефективната контрола врз работењето на ИСОС.

Во меѓувреме се случија и низа други злоупотреби. Во прв ред, злоупотребена е довербата која на овие структури им беше првично укажана, а не се исполнети должностите кон фелата согласно ЗВСР. Управувањето на ИСОС се спроведува на најнетранспарентен можен начин, а интересите на сметководителите се ставени на последно место.

Би потсетиле дека државната каса се полни главно токму на товар на работата на сметководителите, така што е дотолку понеразбирлив досегашниот молк од МФ во врска со постапката за разрешување на УО кој е отповикан од страна на останатите органи на ИСОС. Согласно ЗВСР, токму писмено издадено мислење од МФ е неопходно за окончување на моменталната ситуација па затоа апелираме до надлежните да одговорат на барањата на сметководителите и да постапат согласно ЗВСР кој како законски пропис потекнува токму од МФ.

Во овој контекст, на претстојното Собрание на ИСОС закажано на 31.5, се очекува да се изгласа отпочнување постапка за избор на нови членови на УО, по што останатите органи ќе пристапат кон објава на оглас на кој ќе може да се пријават заинтересираните лица.

Со оваа постапка очекуваме конечно МФ да одговори на барањата на сметководителите и да се одблокира работењето на ИСОС.