Новиот закон за трговија на пазарите ќе стартува на време, на први јануари и нема одлагање, изјавија од Комората на трговци. Новите лиценци се подготвени и пазарџиите веќе може да аплицираат за да ги добијат. Една лиценца значи една тезга на зелените пазари, а годишно чини 60 евра. За секоја дополнителна, трговецот треба да плати плус 40 евра. Дополнително, од Нова Година, пазарџиите ќе треба да издвојуваат месечно и две илјади денари за пензиско осигурување.
„Први кои ќе се соочат со проблеми се организаторите на пазарите. Конкретно, може некоја личност од пазар од Битола, Прилеп, или Охрид да дојде и да побара лиценца. Ние ќе му издадеме, а не сме сигурни дали тој човек поседува тезга во тој пазар. Во тој аспект е многу битна соработката со организаторите на пазарите“, рече Екрем Долек, претседател на Комора на трговци.
Според новиот закон, тезги ќе може да закупат само невработени лица кои се запишани во регистарот на Комората, физички лица кои се регистрирани како трговци на мало на зелени пазари. Ќе може да работат и лица кои се во редовен работен однос, но кои се занимаваат со земјоделска дејност.
„Пензионерите се со регулиран статус во државата. Вработените лица се со исто така регулиран статус, а овде разговараме за трговија на зелените пазари. Значи за лица кои се занимаваат и заработуваат од трговијата по зелените пазари кои немаат приход по друг основи својата заработувачка ја вадат од оваа дејност која е регулирана со овој закон“, рече Анита Стојановска, правен советник на комора на трговци.
Инаку, пред една недела организаторите на пазарите побараа од Владата да се пролонгира законот бидејќи сметаат дека тој нема да ги реши проблемите, туку само ќе ги продлабочи. Организаторите не се согласуваат пензионерите да бидат тргнати од пазарите бидејќи така бројот на пазарџии ќе се намалел за 30 отсто, а исто така се против лиценците да ги издава само Комората на трговци.