Нова варијанта на коронавирусот со голем број мутации регистрирана во четири земји, научниците претпазливи

|

Новата варијанта на коронавирусот БA.2.86, која има голем број мутации, досега се појави во четири земји – САД, Велика Британија, Данска и Израел. Научниците се во состојба на готовност, истражувајќи до каде е раширена новата варијанта и како таа реагира на антителата.

Новата варијанта на коронавирусот, наречена „пирол“ на социјалните мрежи, има повеќе од 30 мутации во споредба со најблиската претходна форма, БА.2, подваријанта на сојот омикрон, објасни д-р Џеси Блум, виролог во „Фред Хачинсон“ во Сиетл.

„Тоа е еволутивен скок споредлив со оној што првично доведе до омикрон сој на коронавирусот“, објави Блум на веб-страницата на лабораторијата.

Светската здравствена организација во четвртокот го означи БA.2.86 како „варијанта под надзор“, што значи дека земјите треба да ги следат и пријават сите мутации што ќе ги откријат.

Варијантите под надзор кои предизвикуваат потешка клиничка слика или не реагираат на постојните вакцини и третмани може да се стават на листата „варијанти од интерес“ или „варијанти на загриженост“, која сè уште е празна.

Новата варијанта досега се појави во четири земји. Прво беше откриена во неделата од научници во Израел, по што Данска пријави три случаи, а САД и Обединетото Кралство пријавија по два случаи.

Трите случаи во Данска се откриени кај луѓе во различни делови на земјата, кои се чини дека немале контакт меѓу себе, соопшти данскиот Институт за серуми.

„Необично е коронавирусот да се промени толку значително и да развие 30 нови мутации. Последен пат видовме толку голема промена кога се појави омикронот“, рече истражувачот на Институтот.

Сепак, данските научници нагласија дека се уште е рано да се зборува за можната зголемена заразност на новата варијанта на коронавирусот, наведувајќи дека допрва треба да вршат тестови на човечки антитела.

Проценка на заканата од новата варијанта објави и Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, од каде велат дека фактот што се регистрирани случаи во четири различни земји кај лица без историја на патување, укажува на тоа дека веќе е воспоставена глобална трансмисија.

Регистрираните секвенци на новата варијанта се многу слични една на друга, што може да укаже дека се појавиле неодамна и брзо се шират, се вели во извештајот на Агенцијата, истакнувајќи дека посигурна проценка не е можна додека не станат достапни повеќе секвенци.

Поголем оптимист е директорката на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, Менди Коен, која вчера изјави дека новата варијанта не треба да биде причина за тревога.

„Поподготвени сме од кога било да откриеме и да одговориме на промените во коронавирусот“, рече Коен за Си-Ен-Ен, истакнувајќи дека научниците следат нова варијанта чии мутации ја прават различна од другите што моментално циркулираат.