Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада Димитар Ковачевски се очекува утре до Собранието да го достави предлогот за состав на владиниот кабинет и новата владина програма, а на крајот од неделава да се одржи собраниска седница за избор на владата.
Во интервју за МИА, Ковачевски вели дека подготовките за новата влада се на самиот крај, а програмата и кадровските решенија се усогласени со коалициските партнери.
„Нашата цел да составиме стабилна Влада со јасни принципи на делување е исполнета. Ваквата Влада ќе значи ефикасност во работењето и стабилност во решавањето на сериозните предизвици кои ни претстојат. Во однос на кадровските решенија, би рекол дека тоа се луѓе кои ги отсликува ефикасноста во работењето, имаат сериозен професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството.
Социјалдемократските вредности и пристап во политиката се исто така одлика на новиот тим. Тоа се луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина“, вели Ковачевски.
Според него, секој е заменлив, особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата и тоа ќе биде и основен принцип на ефикасно управување и новата влада. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, додава тој, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори.
-Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата. Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. За ова да го постигнеме секој член, секој дел од овој мотор мора да функционира беспрекорно, потенцира Ковачевски.
Ковачевски, по добивањето на мандатот од шефот на државата, изјави дека планира владата да ја предложи околу 10-11 јануари, односно во пократок рок од уставно предвидениот.
Тој мандатот од претседателот Стево Пендаровски го доби на 29 декември откако шефот на државата од СДСМ беше известен за предлог за мандатар, поддржан од политичките партии кои заедно имаат мнозинството во Собранието. По приемот на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена, значи не подоцна од 20-тиот ден треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата.