Нови детали за убиството во Ханиоти: Застреланите македонски државјани биле во апартман кој се плаќа по 600 евра за ден

|

Требало да се отчекираат денеска во 12 часот и убијците тоа со сигурност го знаеле, објави грчкиот ТВ Канал АНТ 1 повикувајќи се на полициски извори за убиството на македонскиот државјанин Орхан Бајрами-Оки кое ноќеска се случи во Ханиоти.

Во нападот е повреден уште еден македонски државјанин, а на егзекуцијата присуствувал уште еден пријател на убиениот.

Од МНР соопштија дека од полицијата во Солун, македонската амбасада добила потврда дека „во Сани Вилас, Ханиоти двајца маскирани лица отвориле оган врз двајца државјани на Северна Македонија.“

Сани Вилас е ексклузивно и скапо место за престој покрај Егејското Море, а според податоците на Букинг за 5-дневно сместување во апартман во овој ресорт за двајца возрасни треба да се плати 3.050 евра односно 600 евра на ден, покажуваат проверките на веб сајтовите за букирање апартмани.

Според информациите на Aмбасадатa на Македонија, на местото на настанот моментално се наоѓаат повеќе тимови на грчката полиција и работат на расчистување на околностите на настанот.

АНТ 1 објави дека на бројот 112 за итни интервенции анонимно лице пријавило пукање во Сани Вилас, а кога полициската патрола стигнала убијците биле избегани, а на лице место се најдени докази дека се испукани 20-тина куршуми.

Двајца маскирани напаѓачи со мотор рано утрово околу 3:30 стигнале до изнајмениот апартман на застреалните и пукале во нив. И грчката полиција смета дека станува збор за мафијашка одмазда, а го спомнуваат и инцидентот во Скопје пред три месеци кога беа убиени двајца блиски на денеска убиениот Бајрами. Нападот се случи во Шиша бар во старата скопска Чаршија и тоа убиство не е расветлено. Сите тројца убиени се дел од кланот Дуќанџик.

Утрово пак Бајрами и уште едно лице се однесени во болница по пукањето и полициската интервенција.

-Двајцата биле однесени во општата болница на Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, додека другиот поради тежината на повредите е транспортиран во друга болница, во Полигирос, соопштија од МНР.

Извршителите избегале, а на граничните премини кон Турција, Македонија и Бугарија има зголемени контроли бидејќи истрагата се сомнева дека убијците се дојдени од надвор и сигурно ќе бегаат надвор од Грција.

Повеќе години меѓу двата скопски кланови во подземјето (Грчец/Дуќанџик и Барон/Беланоца/Ченто) има меѓусебни престрелки и напади во Скопје, но последните две се случуваат надвор од државата (една беше во Косово кога беше ликвидиран Даци, а сега и во Ханиоти во која беше ликвидиран Орхан Бајрами-Оки).