Замислете за цена од 1 катна гаража може да се направи цела населба со вакви куќички и сите луѓе во Македонија без покрив над главата да си го решат најголемиот проблем во животот.
Зошто монтажните куќи се одличен избор:
Денешните дрвени монтажни куќи се современи, економични при експлатација, еколошки, брзи за изведба, можат да одолеат на ветер, на пожар, а поради својата еластичност гарантираат постојаност и при силни земјотреси и движење на земјиштето.
Благодарение на технологијата за обработка на дрво, со модерни компјутерски програми за конструирање на производите, секако и со познавањето карактеристиките на различните видови дрво имаме можност да креираме трајни квалитетни објекти кои го облагородуваат просторот, објекти кои едноставно ги одземаат воздишките на луѓето.
Производителите на монтажни куќи нудат изведба на семејни објекти со различна димензија и катност, со помал или поголем број на простории. Овие куќи можат да се надградуваат доколку на почеток на инвестицијата се нема доволно средства за поголем објект, па едно семејство може да се реши за помал простор, кој подоцна може да се прошири со нови модули.
Монтажните куќи се поефтини во однос на традиционално изработени куќи, од повеќе причини:
– Потребно е многу помалку време за изградба. Префабрикуваните делови се изработуваат во затворени погони по строго опрделени услови, каде загубите на материјали се сведени на минимум, а процесот на производтсво не зависи ниту од временските услови. Сето тоа придонесува до помалку губење на време и материјали при изградбата.
–Поголема ефикасност на производниот процес. Благодарение на новите технологии и сериското производство, процесот на изведба е многу пократок, поорганизиран и систематичен. Не се губи време како кај традиционалната изведба, еден мајстор да заврши па друг да почне со работа.
–Енергетско ефикасни објекти кои имаат одлична изолација. Во зидовите се вградуваат најсовремени изолациони материјали, кои постојано се усовршуваат и имаат се подобри карактеристики , посебно на крововите и таваните. Се употребува квалитетна столарија со дупли стаклени панели исполнети и со инертен гас. Објектите се еколошки.
–Подобро се управува со отпадот и вишокот на материјал, кој во фабричките хали повторно се користи, на пример гредите кои останале можат да се претворат во иверки, и да се употребат во зидовите.
–Сепак главна предност е брзината на изградбата.
Изградбата на монтажните куќи може да се подели на следниве фази:
планирање и договарање. Прво треба да се најде плац кој ги има сите потребни инсталации (вода, струја, канализација) и пристапен пат. Потоа се бараат потребните градежни дозволи. Со производителот се договара видот на монтажната куќа, големината, изгледот, материјалите кои ќе се вградат.
Производство. Кога се дефонирани плановите и нацртите, се почнува со производство на составните делови (зидови,меѓукатна, кровна конструкција, тремови), кое може да трае од неколку недели до месец/два, зависно од големината на куќата .
Конструкција и монтажа
Составните префабрикувани делови/зидови се транспортираат до плацот и се составуваат/монтираат на лице место, начесто со помош на авто дигалка.
А возможен е и уште еден метод на монтажа, кога сите предходно поединечно скроените дрвени елементи(греди) се носат до плацот,и тука се спојуваат во панели, на самата бетонска плоча од објектот. Тоа се применува најчесто кога нема добар пристап за тешка механизација.
Како се прават монтажните куќи? На два начина:
Префабрикуваните профили се изработуваат во фабрика, а се монтираат на плацот.
Целата куќа се изведува во погон, па потоа со шлепер се носи до плацот.
Монтажните куки се прават од модерни материјали, кои имаат поголема изолациона моќ, така да потрошувачката на енергија во овие објекти е многу мала.
Главни материјали за изградба се дрво и дрвени панели (термички третирано и заштитени со средства против инсекти) , гипсени и ОСБ плочи, стаклена и камена волна, фолии, траки за дихтување и друго.
Како се прават зидовите. На дрвени греди се поставуваат дрвени панели или ОСБ плочи, меѓу нив се ставаат стаклена и минерална волна, а потоа фолиите и гипс картонските плочи. Од надворешната страна се става стиропор, пластичен малтер или друг материјал кој има добри изолациони својства. Истовремено во внатрешноста на зидовите се поставуваат ребрасти црева за електрични и телефонски инсталации,како и цефки за водовод и канализација. Зидовите и елементите се носат до плацот и се монтираат на финалните темели. темелите можат да бидат класични со плоча, кои треба да бидат секако со прописна длабочина.
Готовите зидови се поставуваат на темелите, и се поврзуваат со метални анкери. Потоа се става кров, исто така од префабрикувани материјали и греди. Измеѓу гредите се става изолација најчесто од минерална волна . Сите елементи се покриваат со фолии. Од надворешната страна се поставуваат и олуци.
Плафонот се прави од гипсена плоча, додека конструкцијата е од алуминиумски ЦД или дрвени профили, на кои се поставува термоизолација од стаклена волна. фасадата е по желба на купувачот, и може да биде од дрвени панели, фасадна цигла, демит фасада, или слично. Потоа се преминува кон внатрешно уредување. Изведба на санитарни чворови, канализациона и водоводна инсталација, електро и телефонска инсталација.
Целиот процес е краток, а се добива функционален и долготраен објект по највисоки стандарди за домување, со главна предност -економичност при експлоатацијата. Значи се трошат многу помалку средства за греење и ладење на овие куќи во однос на класичните градби.
На запад многу поодамна се препознаени сите овие предности за Монтажните куки, а со тоа и стереотипите полека ги снемува. Па така од година во година значителен е растот на оваа современа градба на дрвени објекти, во однос на традиционалните. А само за споредба, во Германија за пет години има забележано пораст од дваесет проценти на овој тип на современа градба.