Нови преговори за минималната плата – без 18 000 денари, ССМ најавува штрајкови и блокади

ИЗВОРТелма
|

Утре нови преговори за минималната плата.

Ако не се изгласа законот со кој таа ќе изнесува 18 илјади денари ССМ најавува големи блокади и штрајкови.

Ја повика владата да донесе решение во корист на синдикатот и работниците а не да ги штити работодавачите.

Дали и како државата ќе ја субвенционира минималната плата на фирмите кои не можат да ја исплатат на синдикатот не му е битно само велат дека таа засекогаш ќе мора да ја има вредноста од 60 проценти од просечната плата во земјава.

Крајниот рок за наоѓање на решение е во четврток кога пред Собранието е ставена точката на дневен ред.

Бизнис секторот пак до владата имаше два различни предлози.

Организацијата на работодавачи сметаше дека минималецот годинава треба да порасне до 16.300 денари.

Сметаат дека нивниот предлог е најдобар и најодржлив. Вториот предлог дојде од Бизнис конфедерацијата која се согласува на 18.000 денари минималец, но 50 проценти од трошоците да се субвенционираат од Буџетот.

Токму тој и отвори дополнителна работа на Владата која во утре на Економски совет ќе расправа колкави давачки ќе има државата ако ја субвенционира платата, како ќе влијае врз буџетот и дали и колку би се зголемил јавниот долг. Вчера во изјава за Телма економскиот познавач Павле Гацов рече дека до компромис мора да се дојде, а една од опциите е владата да ги субвенционира придонесите за покачувањето на платата.

Последниот концепт кој го понуди владата покажува дека минималната плата годинава треба да биде 17.104 денари. Работодавачите пак не се согласуваат со ова без државата да понуди помош. За работниците досегашниот минималец од 15 илјади и 200 е пренизок.

Билјана Николовска