Новите измени во Законот за јавни претпријатија би можеле да ги чинат граѓаните 2 милиони евра годишно

ИЗВОРЦентар за управување со промени
|

Група пратеници во Собранието поднесоа иницијатива за измена на Законот за јавни претпријатија со кои бараат создавање на нова дополнителна функција – заменик директор во сите јавни претпријатија, која според неколку организациии граѓаните на Република Македонија би ги чинело дополнителни 2 милиони евра годишно.

Institute for Democracy ‘Societas Civilis’ Skopje, Центарот за управување со промени (ЦУП) и Центар за граѓански комуникации / Center for Civil Communications – CCC реагираат против иницијативата и бараат повлекување на предлог измената на законот. Според нив за имплементирање потребна е сеопфатна анализа која навистина ќе ја докаже потребата од ваквата функција, а предлогот кој е на дневен ред во Собранието не содржи сеопфатна анализа.

Според важечкиот закон, директорот во негово отсуство назнаува вработен како замена, што значи дека има поголема шанса тој да назначи некој со поголемо искуство да раководи со претпријатието, за разлика од тоа што го носат овие измени во законот, со кои не е неопходно вработување на раководител кој ќе има повисоко искуство од постоечките вработени.

„Постои системски недостиг на транспарентност при изборот на директори што дополнително ги зајакнува ризиците од политички клиентелизам.
Oваа иницијатива во целост се коси со заложбите за реорганизација и рационализација на големината на јавниот сектор, која ја најавува Владата на РМ.
Финансиските имплликации за воведување на вакви позиции може да се претпостави дека би изнесувале околу 2 милиони евра годишно на товар на граѓаните на РМ, ако се земе во предвид дека во државата постојат 129 јавни претпријатија.
Од податоците кои се јавно достапни, во 22 од овие 129 јавни претпријатија има помалку од 10 вработени. Ако се земе во предвид дека сите овие јавни претпријатија покрај директор има и управен и надзорен одбор, тоа значи дека поголем е бројот на избрани и именувани лица, од бројот на вработени кои се носители на дејноста. И сега наместо да се направи рационализација, односно да се намалат бројот на функции, се воведува нова дополнителна функција. Сите овие податоци наведуваат на заклучок дека предлогот за воведување на дополнителна функција во јавните претпријатија е нерационален.
Доколку пак се анализира рентабилноста на јавните претпријатија, квалитетот на услугите кои ги даваат, задоволството на граѓаните од овие услуги, начинот и постапката на избор на членови на управни и надзорни одбори, како и квалитетот на нивната работа, се доаѓа до заклучок дека е нужно да е пристапи кон квалитативно и системско решавање на проблемите со јавните претпријатија, а не да се воведуваат дополнителни функции.
Поради сето претходно наведено, ги повикуваме политичките партии, и пратениците да посветат поголемо внимание на анализи и креирање на политики и закони врз база на докази.

Произволните предлози, без поткрепа, и консултација со засегнатите страни кои ја истражуваат материјата, не се во интерес на Република Македонија.“, стои во нивната реакција.

Автор: Н.Ј.