Новите пасоши нема да го содржат зборот „северна“

ИЗВОРновлист
|

Според министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, новите пасоши коишто се очекува да пристигнат следниот месец нема да го имаат новото име на државата, рече тој на денешната прес конференција.

Како што изјави тој, причина за тоа е немање технички спецификации околу изгледот на новата патна исправа. Според него оваа работа требала да биде завршена од тимот предводен од претходниот министер, Оливер Спасовски.

„Нема да бидат најверојатно веднаш со новото име заради тоа што не се утврдени техничките спецификации околу изгледот на новата патна исправа“, рече Чулев.

Од Владата велат дека на вчерашната седница не се разговарало за пасошката криза. Доколку информацијата за ваква постапка пристигне до Влада, јавноста дополнително ќе биде известена.

Во моментот останати се уште 3.400 пасоши. 9-члена комисија составена од лекар, правник, економист и вработени во Министерството ќе одлучува за лицата кои имаат ургентни потреби за вадење пасош. Чулев вели дека приоритет ќе имаат лицата кои мора да заминат на лекување во странство, а потоа оние кои треба да учествуваат на меѓународни натпревари.

Освен пасоши, станиците за технички прегледи не издаваат и сообраќајни дозволи.

-Во текот на утрешниот ден пристигнуваат доволен број на сообраќајни дозволи, 1.500. Требало посебни материјали, а до идната недела ќе стигнат 100.000, рече Чулев.

Министерот уверува дека откако ќе пристигне пратката на пасоши граѓаните во најкус можен рок ќе ги добијат патните исправи и состојбата ќе се нормализира со работење на службите и втора смена и за викендите.