Објавени подводни снимки од авионот на Сала – Внатре има едно тело (ВИДЕО)

ИЗВОРСкопје24
|

Откако вчера изутрина беа откриени остатоци од авионот со кој патувал Емилијано Сала, денес истражувачите пронашле тело, информираше BBC.

Засега останува нејасно дали се работи за телото на фудбалерот или на пилот Дејв Иботсон.

„За жал, во видеото од машината, која беше спуштена на дното, се гледа тело на човек меѓу остатоците. Одделот за истраги на воздушните инциденти сега размислува за наредните чекори, се консултира со семејствата на пилотот и патникот и полицијата“, изјавија од споменатиот оддел на британските власти.

По ова сознание, сестрата на Емилијано, Ромина Сала, преку својот Инстаграм профил се прости од својот брат и објави слика од местото каде што е пронајден авионот.

„Ќе те сакам засекогаш“, напиша Ромина Сала во описот на фотографијата.

Во моментите на агонија се јави таткото на фудбалерот, Хорасио Сала кој призна дека е скршен.

„Не можам да верувам, ова е сон, многу лош сон. Очајни сме, секој ден се слушам со истражителите, Кога ми кажаа дека е пронајден авионот, секоја надеж ми згасна“, рече постариот Сала.

Инаку авионот со фудбалерот Сала исчезна над Ламанш на 21 јануари за време на летот од Франција кон Велс. Откако спасувачката операција по исчезнатиот авион беше завршена по само три дена без никаков ефект, семејството на фудбалерот Сала собра средства за приватна потрага.