Обложувалниците на протест – Новиот закон ќе предизвика отворање нелегални коцкарници по подруми

|

Градскиот Парк, Зајчев Рид, Паркот Гази Баба, падините на Водно и Индустриските зони во Скопје ќе бидат едни од ретките места каде што ќе може да се отворат спортски обложувалници или автомат клубови, ако Собранието ги изгласа измените на Законот на игри на среќа.

Предлогот предвидува, објект во кој се организираат игри на среќа мора да биде најмалку 500 метри оддалечен од основно или средно училиште.

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа реагира дека на овој начин ќе се затворат домашните обложувалници и автомат клубови, со што околу 10 илјади луѓе ќе останат без работа, а државата ќе остане без приходи од над 280 милиони евра годишно.

„Се затвора целосно законска економска гранка што ќе предизвика отворање на црно на игри на среќа по подрумски простори како децении наназад. Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови без плаќање на даноци и лиценци“, изјави Горан Стоименов од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).

Тие денеска протестираат против носењето на законот пред Собранието.

Ако се исцртаат кругови со радиус од 500 метри околу секое училиште, празни остануваат само парковите и индустриските зони, како и приградските населби, во кои ќе може да се приредуваат игри на среќа.

Во предлог законот се наведува дека ова се прави за да се заштитат младите.

Иницијативата за законските измени потекна од Движењето Антикоцкање од Тетово. Тие бараат од пратениците да ги изгласаат измените.

„Значи прехранбени продавници се затвораат, се отвораат казина. Овој закон не е нашиот предлог што го предложивме и бараме од државата и од Собранието да се изгласа, но ние не го спречуваме. Дојде време да се почне од некаде“, изјави Јуши Емрулаи од Движењето Антикоцкање.

Во исто време, Државната видео лотарија распиша повик за странски партнери за приредување на игри на среќа за интернет. Домашните асоцијации сметаат дека тоа е парадоксално.

„Нечесно, подмолно и лицемерно е ова што се прави. Додека од една страна се носи закон за затворање на индустријата и уништување на домашните лиценцирани компании, владата ќе се ортачи со странски компании кои ќе имаат по еден или двајца вработени и наголемо ќе ги промовираат игрите на среќа на интернет. Има ли поголемо лицемерие од ова? Освен бизнис логика, друга логика во овој потег не може да се види“, изјави Васко Илиевски од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ).

Опозицијата обвини дека повикот се прави за интернет обложувањето да го добијат фирми блиски до бугарската мафија.