Обвинение за управен судија за злоупотреби со денационализација (VIDEO)

ИЗВОРnovlist.mk
|

Управниот судија Мустафа Шахини го оштетил буџетот за околу 180 илјади евра, пресметало Обвинителството за организиран криминал кое денеска му поднесе обвинение за злоупотреба на службената положба. Прво како адвокат застапувал роднини во постапка за денационализација на градежно земјиште во Струга од речиси 2.000 м2 а потоа кога станал судија во Управниот суд постапувал по предметот иако требал да се изземе. Но тука не застануваат злоупотребите покажала обвинителската истрага.

Злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување, спротивно на законските одредби предметниот недвижен имот – крајбрежен појас – плажа во Струга со Пресуда го вратил во приватна сопственост на барателите иако земјиштето претставува јавно добро и не смеело да биде вратено во приватна сопственост, дотолку повеќе што за него веќе бил утврден и исплатен надомест на правниот претходник на тужителите уште во 1987 година. Во исто време, за недвижен имот со површина од 171 м2 крајбрежен појас што не смее да биде вратен во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700,00 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на Р.С.М., обвинетиот не доставил примерок од Пресудата до надлежното Државно правобранителство на Р.С.Македонија, подрачје Струга, заради право на жалба,
велат од Обвинителството за организиран криминал.
Истрагата за Шаини беше отворена на почетокот на мај годинава. Судски совет му го одзема имунитетот, но не дозволи да му се определи притвор. Еден месец подоцна го суспендираше до завршување на кривичната остапка против него.

Но освен за злоупотреби шефицата на организиран криминал Вилма Рускоска најави дека заедно со државниот обвинител Јовески ќе одлучуваат за кои судии ќе има финансиски истраги, но дека нема да соопшти имиња. Јовески денеска на брифинг со новинарите (на кој ја промовираше нова веб страница на обвинителството изработена со поддршка на ОБСЕ ) кусо одговори:
Во овој момент нема отворено ниту една финансиска предистрага за судии ниту за тоа сме разговарале со јавниот обивнител на обивнителството за организиран криминал.
Но судиите ќе треба да го минат и филтерот на антикорупциска која за следната година ќе им закаже термини за проверка на имот. Министерката за правда пак ќе ги убедува европските партнери да дадат поддршка за ветинг во правосудстовто.

Дескоска вчера испрати и писмо до претседателите на судовите за да им укаже дека се должни да ги пријават во Судски совет судиите кои одолголекуваат судења и кои имаат застарени предмети. Но нејзините предупредувања и по два дена се уште не стасале. Претседателите од скопските судови со кои разговаравме попладнево велат писмо од министерката се уште не добиле.

Елена Ивановска Мукоска