На шеесет и четвртата седница на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија што се одржа денес, Советот го назначи обвинителот Трајче Пеливанов како времена замена на досегашната шефица на Јавното обвинителство, Вилма Рускоска.
Како што информираа од Советот за МИА, Пеливанов е назначен бидејќи во постапката која се води, а поради која Рускоска е времено оддалечена од својата функција, не може да ја врши својата функција, и, како што посочуваат, бидејќи се работи за обвинителство каде што имаме сериозен организиран криминал и не треба да биде без раководител.
– Назначивме времена замена бидејќи сегашната шефица Вилма Рускоска не може да ја врши функцијата, не е таму физички. Од друга страна, првата заменичка исто така е вклучена во кривичната постапка и во дисциплинската, така што мораше да се назначи лице кое ќе раководи додека е оддалечена обвинителката, додека трае оддалечувањето. Сепак се работи за обвинителство каде што имаме сериозен организиран криминал и не треба да стои без команда, без некој таму да раководи, информира претседателот на Советот, Антонио Јолевски.
Како што образложи, доколку Русковска се врати на работа тогаш таа ќе се врати на својата функција, а доколку тоа не се случи до истекот на нејзиниот мандат во ноември, тогаш ќе биде назначен некој од новоизбраните обвинители.
– Ова се определува само како времена замена, не е вршител на должноста, тој е определен колку во меѓувреме да може да прима пошта, да потпишува, плата да може да подигне, не е како класичен вршител на должноста, а ова е законски регулирано во член 9 за Совет на јавни обвинители, појасни претседателот.
Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.
Советот на Јавни обвинители минатата недела ја одби жалбата на Рускоска како неоснована и ја потврди нејзината суспензија од функцијата.