Од 1 мај ќе знаеме дали сме купиле вода место месо

ИЗВОРСкопје24
|

Граѓаните од први мај при купување на мелено месо ќе можат да видат колку вода и какви протеини има во него, дали е подготвено од свежо или смрзнато месо и кои адитиви ги содржат ќебапите и плескавиците кои се нудат на пазарот.

Ова го налага новиот Павилник со кој се допрецизира што всушност треба да знаат граѓаните при купувањето на мелено месо и преработки од вакво месо. Производителите и дистрибутерите најавуваат дека ќе бидат подготвени од мај да ги внесат и овие информации во декларацијата. Оние кои ќе бидат фатени дека мамат можат да сметаат на казна од 500 до 1.500 евра зависно од тоа што излажале во декларацијата.

Покрај ова, како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора, во декларацијата треба да биде наведена и категоријата на месо.

– Со овој правилник се допрецизираат одредени прашања кои се однесуваат на квалитетот на месото и декларацијата и се обезбедува поголема заштита на правата на потрошувачите. Дополнително се постига еднаква поставеност на сите субјекти на пазарот -рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Претседател на Групацијата за преработка на месо и производство на преработки од месо е Гоце Трајчев рече дека до влегувањето на сила на новите правила за декларирање компаниите ќе бидат подготвени.

– Верувам дека сите ќе успеат да се усогласат со новите декларации – рече Трајчев.

Тој појасни дека во меленото месо од адидтивите е дозволено да се стави замо 1 отсто сол, но во ќебапите, плескавиците и другите преработки од мелено месо кои од адитивите и во колкава количина ќе се употребат е регулирано со правилникот за адитиви.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи, Марија Лончар -Велковска, пак, ги упати граѓаните преставките за забелешките на граѓаните на меленото месо и преработките од мелено месо да ги доставуваат до Агенцијата за храна и ветеринарство како што е веќе договоено.

– Важно е потрошувачите да да можат да прочитаат во декларацијата што содржи производот, но последната одлука што ќе купат е на граѓаните- вели Лончар – Велковска.

На прес-конференцијата беше речено и дека граѓаните имаат право и во кафеаните да побараат декларација од какво месо се направени одредени производи од месо.