Од 11 април – нема настава, нема згрижување деца во градинка

|

Поради изјаснувањето на огромен процент на членството за организирање штрајк, Советот на СОНК едногласно донесе одлука за организирање и одржување генерален штрајк, кој би почнал на 11 април, соопшти Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК за одлуката што ја донесе вчера на седница, на која биле анализирани записниците од одржаните состаноци на синдикални организации на СОНК во врска со носењето на ваквата одлука.

– Советот ги задолжи регионалните одбори на СОНК да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување гнерален штрајк, кој би се одвивал во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени. Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес, информира СОНК кој за подоцна денеска закажа и прес-конференција за најавениот штрајк.

На седницата вчера, како што наведува, било заклучено дека Советот на СОНК го почитува социјалниот дијалог и дека во изминатиот период има остварено повеќе средби со Владата и со социјалните партнери МОН И МТСП за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво, но, за жал, како што наведува во соопштението, „во овој временски период, по однос на нашите барања, нема никаков резултат“.

– Неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства, дополнително влијае на одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања. Поради немање слух на надлежните, членовите на СОНК мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување јавно незадоволство, односно преку генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат, пишува во соопштението.

СОНК во дописот бара разбирање и поддршка од родителите на учениците за привремениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на градинките, основните и средните училишта, како и ученичките и студенските домови.