Пензиите за ноември почнуваат да се исплаќаат од денеска, предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
За пензионерите кои не користат картички, подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата и тоа денеска ќе се врши исплата на пензии со висина до 11.000 денари, утре на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари, во понеделник ќе се исплаќаат пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари, а во вторник пензии во висина над 18.000 денари.
пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми и пензиите се сигурни на сметките на корисниците потенцираат од Министерството. Апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што, како што посочуваат, етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.
МТСП потсетува на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките.