Од денеска до Малме и Милано ќе се лета по ценa од 20 евра

ИЗВОРСкопје24
|

ТАВ Македонија од денес започнува со директните авиолинии Охрид-Малме, како и на новиот директен лет Охрид-Милано, по цени од околу 20 евра, со кои ќе оперира авиокомпанијата WizzAir.

– На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ денес во 11:25 часот треба да слета авионот од Малме, информираат од ТАВ Македонија.

Согласно новиот договор со македонската Влада за финансиска поддршка за евтини авиолинии од 18-ти март започнуваат летовите од Малме, а ќе оперираат два пати неделно во понеделник и петок. За Милано пак летовите почнуваат следниот ден, на 19-ти март и ќе сообраќаат во вторник и сабота. Согласно договорор од јули ќе бидат воспоставени и другите две линии од Охрид до германските градови Меминген и Дортмунд.

Исто така авиокомпанијата „Визер“ се подготвува за лансирање на својата прва од осумте нови дестинации од Македонија за нешто повеќе од една недела, истовремено зголемувајќи ги капацитетите и надградувајќи одредени правци.

Сите осум нови линии ќе функционираат цела година. Сезонските летови од Скопје до Барселона, како и од Охрид до Лондон (Лутон), кои ќе продолжат ова лето по петмесечна пауза, повторно ќе бидат во функција во текот на целата година, со два лета неделно планирани на двете рути за зимата 2019/2020.

Покрај тоа, нискобуџетната авиокомпанија ги зголеми капацитетите за претстојната нова линија меѓу Скопје и Ларнака, која треба да стартува на 3 јули. За летовите сега ќе се користи поголемиот авион „Ербас А321“ со 230 места, наместо првично планираниот „А320“ со 180. Меѓу македонскиот главен град и кипарскиот град ќе се лета два пати неделно, секоја среда и недела.Од скопскиот аеродром ќе бидат отворени две нови линии кон Германија и тоа кон Баден-Баден и Бремен и кон Турку во Финска.

Како што претходно беше објавено, „Визер“ ќе ја зголеми и фреквенцијата на своите постоечки линии. Авиокомпанијата ќе додаде дополнителен неделен лет од Скопје до Гетеборг, Хамбург, Келн и Малта, а операциите до Базел ќе бидат зголемени за дополнителни три лета неделно на вкупно десет седмично. Растот ќе го овозможи користењето петти авион, „А320“, во скопската база ова лето.

„Визер“ превезе преку 1,4 милиони патници на своите летови од и кон Македонија во 2018 година, што претставува раст од 14,4 проценти во однос на претходната година. Авиокомпанијата имаше пазарен удел од 62 отсто, а во 2018 година на неа отпаднаа 85 отсто од сите патници кои патувале со нискобуџетни превозници во Македонија.