Поскапувањето на горивата предизвика дополнителна загриженост кај граѓаните, барем кај оние кои ги користат услугите на градскиот превоз во Скопје за евентуално поскапување на билетите, но од ЈСП ја смируваат ситуацијата, нова цена на билетите нема да има.
Независно од порастот на цената на горивата, ЈСП Скопје не размислува за покачување на цените на услугите за користење на јавен превоз.
– Ќе гледаме машки да ја издржиме оваа криза во интерес на граѓаните на Град Скопје, колку што можеме. Како што знаете јавните претпријатија се создадени да им служат и да се во интерес на граѓаните, некогаш економската логика е таа, меѓутоа ќе гледаме со максимални заштеди да можеме тие загуби да ги покриеме – вели в.д. директорот на ЈСП, Иван Илиевски за Плусинфо.
Илиевски вели дека во моментов не се планира ниту укинување на бесплатниот превоз на групите граѓани кои ја користат оваа услуга.
– Не планираме такво нешто. И натаму средношколците и студентите (оние кои ги исполнуваат условите за бесплатен јавен превоз), ќе продолжат да ги користат бенефициите за користење на јавен превоз без надомест. Впрочем, за бесплатен превоз за посочената категорија на патници, ЈСП Скопје добива наменски субвенции – вели Илиевски.