Околу милион евра ќе биде кусокот во буџетот поради намалената царина за кромидот, пиперките, доматите и другите земјоделски производи. Според пресметките на првиот финансиер Бесими, ваквата мерка немало многу да влијае на државната каса. Најчесто увозот се правел од земји со кои Македонија има договори со кои давачките за набавка на земјоделски производи се нула.
Во однос на мерките главното беше да се влијае на цените на производите, а притоа фискалните давачки не беа приоритет. Мекрите се времени и сметаме дека според некој проценки импликациите врз буџетот нема да достигнат милион евра, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Но, зошто се дозволува субвенционираните производи да излегуваат надвор, а тука да се внесуваат поскапо овошје и зеленчук, Бесими одговори дека тоа е либерална економија.
Сепак, од податоците на Царинската управа, може да се види дека во земјава се увезуваат пиперки од Хрватска, кромид од Египет, домати од Полска, моркови од Грција, тиквици од Турција. Набавки има и од Србија, Косово и Албанија. Но, при влез на продукти од овие земји давачките се нула поради Цефта договорот.
Земји од каде се врши увоз на:
Домати – Албанија, Грција, Полска, Србија, Турција и Косово.
Пиперки – Грција, Хрватска, Турција и Косово.
Кромид – Австрија, Грција, Хрватска, Египет, Молдавија, Холандија, Србија и Косово.
Моркови – Албанија, Грција, Турција и Косово.
Тиквици – Албанија, Грција и Турција.
Со тоа, очигледно намалените увозни давачки ќе ги опфатат, пиперките, кромидот краставиците доматите кои доаѓаат од далеку, односно од ЕУ , Турција и од земјата на пирамидите. Поради поскапувањето кое се случи во текот на летото, Владата во нов обид да ги намали цените. По одлуката за поевтинување од 10 отсто на дел од продуктите, се донесе одлука да се намалат и царинските на 10 отсто за кромидот, празот, карфиолот, брокулата, морковите , модриот патлиџан, тиквички. Мерката ќе важи до крајот на февруари. Се намалува царината и за доматите, краставиците, корнишоните, благите и лутите пиперки, но за овие придукти одлуката ќе важи од декември.
За одредени мерки, се чека бизнис секорот да одлуки дали ќе реагира до Министерството за економија, кое е креаторот на дел од мерките. Претходно, тие се пожалија дека затворањето на тргвоци е ригорозна мерка и дека немале доволно време да се прилагодат на владините одлуки.
Ирена Чачкова