Од полноќ поскапуваат дел од горивата – РКЕ со нова одлука

|

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија извести дека е донесена Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,80% во однос на одлуката од 3.7.2023 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,783%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 2,207%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 2,401% и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,296%, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување, велат од РКЕ.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,076 %.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,755 ден/кг.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.7.2023 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, се додава во соопштението на РКЕ.