Од утре започнува обврската за носење зимска опрема

|

Од утре, 15 ноември, почнува да важи обврската за задолжително носење зимска опрема во возилата, која ќе трае сѐ до 15 март наредната година, потсетува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и апелира возачите да ги почитуваат законските прописи и да обезбедат соодветна зимска опрема со цел безбедно и непречено патување при зимски услови на патиштата.

-Користењето на соодветна зимска опрема во голема мера придонесува за безбедно одвивање на сообраќајот при зимски услови на патиштата. Согласно тоа, секој возач треба да користи соодветна зимска опрема пред се заради лична заштита, безбедно одвивање на сообраќајот и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва, порачуваат од РСБСП.

Зимските гуми, посочуваат, се погодни и безбедни за сите температури под седум (7) степени целзусови.

-Во услови на ниски температури летните гуми стврднуваат, добиваат карактеристика на пластика и го губат контактот со подлогата, додека зимските гуми се изготвени од таков материјал кој и во услови на ниски температури е мек и обезбедува стабилен контакт со подлогата и стабилно управување и запирање на возилото. Покрај тоа, зимските гуми имаат таков дизајн ( шара) која овозможува полесно истиснување на водата и снегот, а со тоа се овозможува и поголема стабилност и контрола во процесот на управување и запирање на возилото, велат од РСБСП.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми, се подразбира, зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 х 4), додаваа, подразбира, зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри (4 mm). Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми, подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

-Во случај кога се користат зимски пневматици не постои обврска за поседување на синџири за снег. Обврската за користење на зимска опрема се однесува за сите возила кои учествуваат во сообраќај на пат независно дали е тоа во населено или надвор од населено место. Комбинацијата, односно истовремена употреба на зимски и летни гуми е исклучително опасна бидејки го нарушува процесот на управување на возилото, а посебно ја нарушува траекторијата на движење и запирање на возилото, велат од РСБСП.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, полициски службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.