Онлајн трансакциите кон домашните е-трговци во Македонија бележи раст од 177%

ИЗВОРНов Лист
|

На првиот ден од годишната конференција за е-трговија која годинава се одржува по трет пат се обрати Нина Ангеловска, поранешната министерска за финансии и актуелен претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, која ги презентираше најновите истражувања за трендот на е-купувањето во државата.

Ангеловска во нејзиното поздравно обраќање посочи – „Сега повеќе од било кога имаме шанса да го забрзаме патот кон смарт и дигитално опшество кое значи праведно и правично општество, општество кое нуди еднакви шанси и можности за сите, кое овозможува побрз, позелен и одржлив економски развој. Северна Македонија има голем потенцијал за е-трговија, само треба што поскоро да го отклучиме и да ја ставиме дигитализацијата на нашата нација во петта брзина”.

Ангеловска вели дека имаме предуслови за побрз развој на е-трговијата, а сепак се движиме со далеку послабо темпо од останатите земји. Во 2019 година, 36% од населението со интернет пристап направило онлајн нарачка, наспроти 20% во 2017 година. Просекот во европските земји изнесува 71%.

„Позитивно е што структурата се менува и повеќе купувања/плаќања се прават кон дома. Вредноста на онлајн трансакциите кои Македонците ги направиле кон домашни е-трговци во вториот квартал 2020 бележи раст од 177%. “ – додава поранешната министерка.

Најголем предизвик за е-трговците е ниското ниво на дигитални вештини на населението, а потоа наоѓањето на квалификуван кадар. Пониската цена има најголемо влијание на одлуката за онлајн купување.

Во спроведените прашалници посветен е и дел на нарачките преку социјални медиуми, како еден од главните канали за сива економија во е-трговија.

Речиси половина од анкетираните (47%) се изјасниле дека прават нарачки преку социјални медиуми при што 48% од нив никогаш не добиваат фискална сметка. Иако најголем дел од нив се запознаени со ризиците дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се учесници во сивата економија тие велат дека ги прифаќаат ризиците и го прават тоа затоа што им е позгодно и полесно, објасни Ангеловска.

Од 40% од e-трговците кои кажале дека примаат вакви нарачки, 37% од нив стравуваат дека ќе ја изгубат потенцијалната продажба ако не ги прифаќаат нарачките директно преку пораки.